Интервјуа

Џајковски: Убавината во музиката е експериментирањето со многу жанрови

Мега интервју со Кирил Џајковски, музичар

Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.

Настанот кој што е најавен во интервјуто е одложен за 15 јуни.

 

Ретка е можноста да се направи интервју со музичка ѕвезда. Непосредниот повод е големиот музички настан кој го организирате и кој треба да се одржи наскоро. Можете ли да споделите со читателите повеќе детали?

К. Џајковски: Овој настан е на некој начин ретроспектива на мојата 25-годишна работа како композитор на музика на филм. На 6 април подготвувам концерт на моја филмска музика во Националната опера и балет со цел да ги претставам музичките звучни записи (саундтрак) од многуте филмови на кои сум работел. За првпат во живо на сцената ќе настапам заедно со оркестар од 30 члена под диригентство на Џијан Емин, а како солисти се појавуваат: Владимир Крстев, Ратко Даутовски, Антоние Вескоски, Андреј Трајковски и Игор Иванов. На концертот ќе поминеме низ познатите музички теми кои беа придружен елемент на: „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „One more game“, „Некрстени денови“ („Piargy“), „Трето полувреме“ и многу други. Освен музичкиот дел, имаме замислено и интересен визуелен аспект за чија подготовка работам со еден многу талентиран и креативен млад човек, Мартин Димитријев, кој со години се грижи за светлото и за визуелниот аспект на моите настапи. Концертот ќе биде снимен и се надевам во блиска иднина да биде издаден преку дигиталните платформи.

Поддршката од бизнис-секторот веројатно е од клучно значење и овозможува вакви настани воопшто да се одржат.

К. Џајковски: Секако дека е од клучно значење, особено за големи настани од овој тип кои се амбициозни продукциски и каде што е вклучен голем оркестар, речиси е невозможно да се направат без поддршка на бизнис-секторот. Јас имав среќа за овој концерт да ја добијам поддршката од Комерцијална банка АД Скопје која е генерален спонзор и од Зегин кој е спонзор на концертот. Концертот доби поддршка и од Министерството за култура и туризам. Ова ми овозможи јас да се фокусирам на креативниот дел од работата и многу ми го олесни процесот на подготовка.
Ме радува дека гледам подготвеност од бизнис-секторот да ја поддржува македонската музика и култура затоа што уметноста е основен дел на културното ткиво на нашава земја. Верувајте дека е тешко за еден македонски уметник да може да ја претстави својата работа, да твори и да биде креативен доколку нема систем за поддршка. Затоа им порачувам и на други компании да ги поддржуваат македонските уметници. Истовремено ме радува и фактот дека нашава публика дава голема поддршка и има желба да следи и опера, и настапи на македонската филхармонија, и балетски претстави, и театарски претстави, и уметнички изложби и мораме да бидеме сигурни дека уметниците ќе имаат шанса да ѝ се претстават.

Имате импресивна меѓународна кариера во светот на музиката. Како започна сето тоа, кога знаевте дека музиката ќе биде вашиот професионален ангажман? Колку искуството од годините поминати во легендарните „Леб и сол“ ги постави работите на вистинската патека?

К. Џајковски: Веројатно од секогаш знаев дека музиката ќе биде и моја професија. Имав огромна поддршка од моите родители Елена и Милан кои ме храбреа и во моментите кога почнав да разбирам дека, освен младешкиот занес по музиката, оваа професија доаѓа со многу предизвици, со преиспитувања, па дури и со разочарувања. Можноста да сум дел од легендарните „Леб и сол“ на многу млада возраст ми покажа што значи да настапуваш на голема сцена, бендот имаше многу обожаватели, свиревме многу концерти, имаше секогаш големо очекување од публиката, а со тоа доаѓаше и голема одговорност. Дополнително да се соработува со врвни музичари како што се членовите на „Леб и сол“ е нешто што не се учи во училиште. Тоа беше многу формирачки период за мене и уживав во таа соработка. Друг важен момент во мојот музички развој се годините кои ги поминав во Австралија каде што ја започнав својата работа на применетата музика, многу се посветив на електронската музика, соработував со многу различни артисти, почнав да експериментирам со внесување на балканските звуци во модерната електронска музичка продукција, што понатаму стана и мој заштитен знак.
Имав среќа мојата музика да е препознаена и со тоа добив шанса да настапувам по македонските, по балканските и по европските фестивали и ете на тој начин да ја градам таа меѓународна кариера. Низ годините имам настапувано на повеќе од 100 фестивали меѓу кои Pohoda, Cruilla, Pol‘and‘Rock Festival, Exit Festival, Alrumbo, Fusion Festival, Rock for People, Sziget, Rototom Sunsplash, Les Vieilles Charrues, Au Foin De La Rue, Les Z‘éclectiques и многу други.

Вашата кариера вклучува креирање музика за филм, за театар, електронска музика. Каков е предизвикот да се креира музика за различни жанрови?

К. Џајковски: Можноста да создавам музика за филм и за театар ми даде можност да експериментирам со многу жанрови. Електронската музика исто така е многу еклектична и дозволува различни пристапи така што имав прилика да се втурнам и во музика со која не би ме поврзале веднаш. Тоа е и убавината во оваа работа, а и одговара на мојата личност бидејќи уживам да учам и ми дава можност да истражувам полиња кои не ми се многу познати.
Многу важен елемент во овој пристап е и соработката со талентирани и со креативни соработници, а во рамките на филмските или на театарските проекти жанровскиот предизвик е силно детерминиран и од тематскиот материјал и од режискиот концепт. Наоѓајќи го вистинскиот баланс во рамките на приказната и спојот со музиката − е онаа креативна нишка која ја поврзува сликата со емотивниот свет и доживувањето на филмот. Впрочем, и процесот на создавање музика се базира на насоките од режисерот за тоа која емоција сака да се долови во конкретната сцена. Тоа ми е почетна точка и назнака од каде ја развивам музиката.

Неодамна имав можност да присуствувам на премиерата на театарската претстава „Машка солза“, режирана од Александар Поповски, на сцената на Југословенскиот драмски театар (Југословенско драмско позориште) во Белград, драма за која вие ја креиравте музиката. Тоа беше првокласно доживување. Имате плодна соработка со познати македонски режисери, Александар Поповски и Иво Трајков. Што би издвоиле на тој план?

К. Џајковски: Претставата „Машка солза“ е една во низата соработки со режисерот Александар Поповски. Се работи за многу успешна претстава која се игра во ЈДТ во Белград и која постојано добива позитивни критики. Веќе и да нема поголем театар на Балканот каде што не сме соработувале со Александар на претстава, а сме работеле и во Италија, Турција, Австрија... Неговиот театарски потпис е препознаен насекаде низ театрите и ми беше чест да соработуваме на култни претстави како: „Диво Месо“, „Бура“, „Сон на летната ноќ“, „Хамлет“, „Хероини“, „Дантоновата смрт“ и многу други.
Веќе сме во преговори за претстави за идната година, наесен најверојатно ќе работиме претстава во Будимпешта и се надевам дека ќе успееме да оставиме сличен впечаток како оној кој вие сте го добиле на премиерата на „Машка солза“.
На филмски план, со Иво Трајков исто така веќе разговараме за неколку филмски проекти. Се надеваме на една соработка на македонско тло, а имаме и проекти кои би ги реализирале во Словачка. По успешната соработка на словачкиот филм „Некрстени денови“ („Piargy”), кој собра повеќе од 150 награди на фестивали низ светот и е еден од најуспешните словачки филмови, сакаме да продолжиме да го истражуваме и тој пазар.
Има најави и за проекти со другите режисери со кои имам соработувано така што очекувам на филмски план ова да биде продуктивен период.

Соработката на уметници од вашиот калибар ја промовира македонската култура во светот, без оглед дали продукцијата е доминантно македонска. Планирате ли нешто и за периодот што доаѓа?

К. Џајковски: Можноста со мојот авторски проект за електронска музика да настапувам на најголемите европски фестивали ми овозможи да ѝ го доближам на европската публика звукот кој е карактеристичен за нашиве простори. Тоа што следува оваа година се секако настапите по летните фестивали. Оваа година ќе го промовирам и мојот нов материјал на кој соработувам со проверен тим како што е вокалистката ТК Вондр (TK Wonder), моја долгогодишна соработничка и миленичка на публиката, а сега и со одличниот реге артист Rootsman I. Дополнително и овој проект со филмската музика ќе го добие својот живот и ќе почне да патува.
Освен преку моите настапи, мојата музика се промовира и преку други интернационални проекти. Таков пример е изведбата на проектот The Waste Land на Амстердам синфониета. Ова музичко-балетска изведба се изведуваше во 2022 година и поради огромниот успех повторно се изведува и сега. Освен моја музика, во овој проект се користеше музика и од Стравински (Stravinsky), од Layegh, од Берг (Berg), од Најман (Nyman).

Како да се интензивира соработката и со македонски музичари/ уметници кои творат во земјава? Има ли потенцијал за тоа домашната музичка сцена?

К. Џајковски: Ние имаме многу талентирани музичари, но добивам впечаток дека домашната музичка сцена во моментов во целост не ја отсликува таа разноликост. Пазарот е мал и недостатокот на поддршка ќе одвраќа многу талентирани луѓе кои се откажуваат од творење и од музика. Би сакал да видам повеќе македонски фестивали кои ќе промовираат различни жанрови модерна музика и кои ќе бидат можност за младите сили да го изразат својот талент, а воедно и одлична можност за промоција во живо на големата сцена. Тука сметам дека треба секогаш да има голема поддршка од државава, од бизнис-секторот, од локалните заедници, од медиумите, за македонската музика да добие централно место и да ги покаже целата своја разновидност и потенцијал.

Може ли нешто системски да се направи за развој на музичката индустрија во земјава? Што би можела да направи државава, а што бизнис-секторот?

К. Џајковски: На помал пазар каков што е нашиов, не можеме да очекуваме фестивалите и уметниците да функционираат само од продажба на билети. И обична математика да се направи ќе видиме дека без поддршката од државава или од бизнис-секторот нема да постои можност за реализација. Така имаме многу одлични дела кои остануваат во фиока, одлични бендови кои остануваат само во гаражи, а имаат потенцијал да полнат сали.
Има уметности кои мора да се субвенционираат, тие културно нè воздигаат и е важно да ги имаме, но финансиски не се самоодржливи. Пабло Пикасо има кажано дека „уметноста го измива секојдневниот прав од нашите души“ така што не смееме да дозволиме да останеме во прав, во кал, во нечистотија. Уметноста секогаш треба да ја добие својата поддршка и да ни го направи животот комплетен.

Одлуката да се занимавате професионално со музика, како поединец, е храбра претприемничка одлука. Колку е претприемничкиот дух важна компонента за успех во музиката?

К. Џајковски: Многу. Нас уметниците обично нè доживуваат како неорганизирани, луѓе кои живеат во свој свет, но искрено во оваа работа како и во секоја друга мора да сме проактивни, дисциплинирани и отворени за соработка. Парите не се двигател на нашата креативност, креативен човек создава и кога не е платен, но за градење долга кариера мора да се има претприемнички дух, страст, посветеност, креативност и јасна визија.
Јас творам секојдневно, секој ден сум во студио. Не е секој ден креативен, но секој ден мора да е продуктивен, нешто да се сработи. Затоа на секој млад човек кој сака да се занимава со оваа работа би му порачал дека оваа работа, освен со позитивна енергија од публиката, контакти со многу интересни и талентирани поединци, креативно исполнет живот, подразбира и посветена работа, преземање ризици и самодисциплина. Мојот најстар син Матеј веќе успешно се етаблира како музички продуцент во Америка и ме радува дека кај него, освен талент, гледам многу развиена работна етика, посветеност и мотивираност.



Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано