Македонија
Герасимовски: „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрлија, ние ги исчистивме контејнерите во Дебар Маало

„Град Скопје и ЈП Комунална хигиена повторно потфрлија со одржувањето на хигиената на територија на Центар. Утрово, дебармаалци се соочија со идентична глетка како од пред два месеци – преполни контејнери со смет и лоша миризба кои не само што се закана по здравјето на центарци, туку, исто така и го нагрдува изгледот на централното градско подрачје кадешто циркулираат голем број на граѓани“, велат од општина Центар.
„И ова утро, нашите општински служби го подигнаа сметот од подземните контејнери во Дебар маало кадешто надлежност имаат Комунална хигиена и Град Скопје. Одржувањето на хигиената во Центар мора да биде приоритет, затоа што секојдневно се движат голем број граѓани. Како локална самоуправа, веќе неколку пати имаме испратено допис до надлежните институции со барање за поажурно и поефикасно извршување на нивните обврски. Граѓаните заслужуваат чиста и уредна средина, а ние ќе продолжиме да инсистираме на решавање на овој проблем“, изјави Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да пријават проблеми со јавната чистота на територија на општината со цел брза интервенција на службите. Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партијата Левица: РЕК Битола повторно го загрози животот на граѓаните со радиоактивен пепел

„Радиоактивниот облак од пепел што се издигна над Битола како резултат на неодговорното работење на РЕК Битола, уште еднаш ги потврди укажувањата на Левица: Македонија е жртва на еколошка катастрофа поддржана од политичка немост и корупција. Без разлика дали на власт е ДПМНЕ или СДС – институциите се неми и парализирани пред интересите на големите загадувачи“, велат од партијата Левица.
„Загадувачите не се плашат од закони кои речиси никогаш не се спроведуваат. Симболичните казни не само што не ги одвраќаат, туку директно ги охрабруваат да продолжат со уништување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Погубната пракса на неказнивост стана правило, а народот ја плаќа цената.
Јасен е и примерот од 2019 година, кога беше поднесено обвинение за сличен еко-инцидент за РЕК Битола. Шест години подоцна, ништо не е променето. Ова е недвосмислен доказ дека еколошката правда во Македонија е мртва буква на хартија.
Последиците од неодговорното работење на РЕК Битола ќе бидат долгорочни и несогледливи. Токсичната пепел ќе остане во почвата, ќе ги контаминира водите, ќе го уништи земјоделството во Пелагонија и трајно ќе го загрози здравјето на целото население во регионот.
Левица бара итна и неотповиклива оставка од директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски – блискиот соработник и сопартиец на премиерот Мицкоски. Тој мора да сноси одговорност за нанесената штета.
Назначувањето на партиски кадри без експертиза на клучни позиции доведе до еколошки колапс, не само во Битола, туку и на локации како неодамнешната катастрофа со рудникот Тораница.
Дополнително, повикуваме на: Јавна, ефективна и транспарентна судска постапка; Одговорност од сите раководни структури на РЕК Битола; Ревизија на постојните еколошки стандарди; Спроведување на реални и суштински мерки за санација на штетата“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
„Љутков го гази колективниот договорот и правата на културните работници“, велат од СДСМ

„Вчерашното интервју на министерот Љутков, во кое без срам го нарече колективниот договор за култура „незаконски“, е директен напад врз правата и достоинството на сите културни работници во државата. Колективниот договор не е проблем, туку потреба за работниците и претставува законска обврска! Договорот е резултат на борба на работниците, на дијалог но и праведна политика во време кога СДСМ беше на власт, во време кога платите во културата беа покачени а се исплаќаа навремено, редовно и со почитување на сите права на вработените“, велат од СДСМ.
„Денес, културните работници се без плата за месец март, не се почитуват договорените услови, нема покачени плати а при тоа никој не понесе одговорност од страна на Министерството за култура.
За Љутков и министрите во владата папаја, манго и аспарагус а за вработените во културата нема плата. Ова не е грешка, ова е последица на неспособност, расипничко трошење и целосно потфрлање на министерот Љутков и владата на ДПМНЕ.
Го прашуваме министерот Љутков: Дали овој напад врз колективниот договор е подготовка за ново кратење на правата на вработените во културата по партиски терк?
Љутков треба да излезе и да им се извини на сите културни работници, неговата неспособност не е никакво оправдување.
СДСМ бара целосна исплата на мартовската плата, покачена според колективниот договор за културните работници и негово целосно почитување!“, соопшти СДСМ.
Македонија
СДСМ: Трошоците растат, а платите стагнираат – стандардот на граѓаните се влошува

„Ниту со 2,5 минимални плати денес граѓаните не може да ги покријат трошоците за основните месечни потреби. Синдикалната минимална кошничка е покачена за нови 836 денари и достигна рекордно високо ниво: едно четиричлено семејство има потреба од најмалку 62.700 денари месечно за да го преживее месецот“, велат од СДСМ.
„Трошоците за живот растат а платите стагнираат. Само за храна и пијалоци се потребни над една третина од вкупниот износ на синдикалната кошнишка.
Владата нема никаков економски резултат и очигледно не ја интересира воопшто стандардот на граѓаните, освен нивниот личен интерес.
Додека власта се луксузира со папаја, манго, и аспарагус граѓаните се доведени до точка кога мора да избираат – дали да купат храна, да платат сметки или да се лекуваат.
Ова не се само статистички податоци, ова е сурова реалност и директен удар врз секое семејство, системско осиромашување на народот.
Ова е резултат на неспособноста и дебаклот на промашените економски политики на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски.
СДСМ ќе продолжи гласно да ја разобличува катастрофалната економска политика на оваа власт и ќе се бори за реални решенија кои ќе им помогнат на граѓаните да се справат со кризата што ја создава неспособноста на Владата“, соопшти СДСМ.