ВИДЕО: Студентите во Белград веќе трет ден ја блокираат РТС

Студенти и граѓани во Белград веќе трет ден ги блокираат зградите на Радио-телевизија Србија (РТС) на улицата Таковска и на Кошутњак. Како што соопштија студентите на социјалните мрежи, полицијата утрово успеала да внесе дел од вработените во зградата на јавниот сервис, но притоа дошло до турканица со студентите.

Студентите напишаа дека немало доволно луѓе за посериозно да ѝ се спротивстават на полицијата, па повикаа сите што можат да дојдат пред зградата на РТС на Таковска. Полицијата успеала да внесе дел од вработените во зградата на РТС. Насобраните извикувале „Народна полиција“ и ги држеле рацете кренати во знак на мирен протест.

Студентите од белградскиот и новосадскиот универзитет во понеделникот вечерта организираа блокади на Радио-телевизија Србија и Радио-телевизија Војводина, незадоволни од известувањето на двата јавни сервиси за студентските протести и општествено-политичката криза во земјата, најавувајќи протести „понатака“.

Раководството на РТС оцени во соопштение во текот на ноќта дека студентите „незаконски го блокираат“ јавниот сервис.

„Блокирањето на објекти и спречувањето на вработените во јавниот сервис да ја вршат својата законски утврдена работа претставува недозволив притисок врз медиумот во кој граѓаните со години имаат најголема доверба“, се наведува во соопштението на РТС.

Директорот на РТВ, Горан Караџиќ, користеше поостар речник, оценувајќи дека студентите со блокадата ги „плениле“ вработените во таа медиумска куќа, а нивната акција ја нарече „тероризам“. Додека протестите и блокадата во Белград продолжуваат и минуваат без инциденти, РТС непречено го емитува својот програм.

Студентското движење настана како реакција на протестите поттикнати од смртта на 16 лица при уривање на покривна конструкција на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Од властите бараат кривична и политичка одговорност за таа трагедија, како и борба против корупцијата и непристрасно функционирање на институциите без политички притисоци и влијание.

Властите протестите на студентите, кои добија широка поддршка од различни општествени групи, ги нарекуваат „обоена револуција“. Организирана беше и студентска велосипедска тура „Тура до Стразбур“, со цел да се привлече вниманието на лидерите на Европската Унија на состојбата во Србија, која се соочува со повеќемесечна општествена и политичка криза.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното