Костадиновски: Интерпелацијата не може да се применува за Уставниот суд, тоа би бил распад на уставниот поредок

од Даниел Ѓорѓиевски
12 прегледи

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, остро реагираше на најавите од ДУИ за поднесување интерпелации за целиот состав на Судот, нагласувајќи дека Уставниот суд е независна институција и не подлежи на инструментот интерпелација.

„Кристално јасно е дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подлежи на начелото на поделба на власта. Интерпелацијата не може да се примени за Уставниот суд и уставните судии. Ние сме контролори на сите три власти – законодавната, извршната и судската. Доколку таков потег се преземе, тоа би значело распад на уставниот поредок“, истакна Костадиновски на денешниот брифинг со новинарите.

Во однос на можноста Собранието да ги стави во постапка интерпелациите, тој рече дека не може да предвиди дали некој ќе понесе одговорност, но нагласи дека сите во државата мора да го почитуваат Уставот.

Костадиновски се осврна и на прашањето за интерпелациите на членовите на Судскиот совет, истакнувајќи дека иако законодавецот има право да нормира и да интервенира со законски измени, тој мора да го почитува Уставот.

„Интерпелацијата е уставна категорија, но нашиот Устав дава гаранции за независноста на судската власт. Контролата на законодавната и извршната власт над судската се исцрпува со изборот на петте несудиски членови во Судскиот совет. Тоа е мој личен став, но и суштината на принципот на контрола и рамнотежа“, додаде тој.

Заклучи дека уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се од клучна важност и дека толкувањето на Уставот не е сложено, туку бара доследно почитување на неговите принципи.

Слични содржини