Сибига до Рубио: Русија ги крши договорите за прекин на огнот врз енергетската инфраструктура

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига синоќа соопшти дека го информирал американскиот државен секретар Марко Рубио за руските прекршувања на договорот за прекин на огнот, конкретно насочени кон енергетската инфраструктура.

„Украина целосно се залага за мир и презема конкретни, безусловни чекори за негово постигнување, додека Русија продолжува со одолговлекување“, напиша Сибига на социјалната мрежа Икс.

„Го информирав мојот колега и за последните руски прекршувања на договорениот прекин на огнот поврзан со енергетски објекти, додаде украинскиот министер.

Русија и Украина постојано меѓусебно се обвинуваат за непочитување на договорот за прекин на огнот што беше договорен со посредство на САД.

Сибига, исто така. потврди дека Украина е заинтересирана за понатамошно развивање на соработката со САД во областа на природните ресурси.