Група Д: Македонија по следна рунда против стари познаници и дебитантот

Ново ракометно возбудување е пред нас. Во Хрватска, Данска и Норвешка ќе се одржи 29. Светско ракометно првенство на кое одново учество обезбеди нашата најдобра селекција. Планетарниот собир ќе се одигра во пет града, од кои три се во Хрватска: Вараждин, Загреб и Пореч, Хернинг во Данска и Осло во Норвешка. Домаќин на натпреварите за медалите ќе биде „Унити Арена“ во Осло.

Бранител на титулата е селекцијата на Данска, која на овој собир ќе атакува на четвртатата последователна светска титула, но за првпат без големата ѕвезда Микел Хансен, кој замина во пензија.

На Светското првенство ќе учествуваат 32 селекции поделени во осум групи од прелиминарната рунда. Првите три селекции од секоја група ќе се пласираат во главната рунда, додека осумте елиминирани селекции ќе настапат во „Президент Купот“.

Група Д: Македонија, Холандија, Унгарија, Гвинеја

  • МАКЕДОНИЈА

Нов јануари, ново ракометно првенство за Македонија. Нашиот национален тим го продолжи контиунитетот и 14-та година по ред ќе игра на големата сцена. Тимот нема промашено ЕП или СП од 2012 година, што е импресивна низа. За првпат во историјата, Македонија ќе биде на голем настан без интернационалец. Репрезентативен повик не добија Филип Талески од Бенфика и Мартин Томовски од германски Потсдам. Сите играчи доаѓаат од домашното првенство, а костурот е од Алкалоид, Еурофарм Пелистер и Вардар. Вараждин буди убави спомени за Македонија и селекторот Кирил Лазаров. На ова тло, тој беше најдобар стрелец на СП 2009 со рекордни 92 гола, а Македонија го освои 11-тото место во светот. Целта е пласман во втората рунда, каде одат трите најдобри од групата. Против Унгарија немаме победа на големата сцена (5 меча, 5 порази) и последното соочување ни е во 2014 година, а од Холандија загубивме на СП 2023 (24-34). Гвинеја е дебитант.

Клучни играчи: Филип Кузмановски (бек), Никола Митревски (голман), Мартин Серафимов (бек)
Квалификации: Бараж победа над Фарски Острови со вкупни 61-60.
Историја на СП: 1999 (18), 2009 (11), 2013 (14), 2015 (9), 2017 (15), 2019 (15), 2021 (23), 2023 (27).

  • ХОЛАНДИЈА

„Лалињата“ беа меѓу најдобрите десет во Европа во 2022 година, а сега целат да имаат успех на планетарниот собир и да го повторат резултатот. На овој настан тимот ќе биде предводен од легендарниот тренер Штефан Олсон, а главни фигури во тимот повторно ќе бидат бековите Лук Стајнс и Кај Смитс. Се работи за играчи кои блескаат во најсилните лиги во светот - Франција и Германија. Но, често проблемот на ваквите тимови е што индивидуалците не носат успеси. Прашање е како Холандија ќе изгледа на теренот како тим. Дека имаат слабости се покажа во двомечот со Грција, каде низ „иглени уши“ минаа на Светското првенство.

Клучни играчи: Лук Стајнс (среден бек), Кај Смитс (десен бек)
Квалификации: Бараж, вкупна победа над Грција со 58-56.
Историја на СП: 1961 (11), 2023 (14)

  • УНГАРИЈА

По петтото место на последното Европско првенство, Унгарците со големи амбиции влегуваат на овој светски ракометен шампионат. Предводени од славниот Чема Родригез, ракометарите на Унгарија се надеваат на висок дострел, заедно со фановите затоа што Хрватска им е близу. Повторно тимот ќе биде предводен од славниот голман Роналд Миклер кој две децении го брани голот, како и пивотот Бенсе Банхиди. Двајцата имаат над 600 настапи за сениорската селекција. Додадена вредност се и младите кои освоија сребрен медал на јуниорското СП во 2023 година. Тука е десниот бек Зорран Илиќ, талентираното крило Бенсе Имре, средниот бек Герго Фазекас, плус Криштоф Паласис, Золт Краковски, Тамаш Пап, Мате Оноди-Јаноскут... Дефинитивно, Унгарија е тим за висок дострел во нашата група.

Клучни играчи: Бенсе Банхиди (пивот), Ричард Бодо (лев бек), Бенсе Имре (десно крило)
Квалификации: Бараж, победа над Литванија во двомеч со 69-49.
Историја на СП: 1958 (7), 1964 (8), 1967 (8), 1970 (8), 1974 (7), 1978 (9), 1982 (9), 1986 (2), 1990 (6), 1993 (11), 1995 (17), 1997 (4), 1999 (11), 2003 (6), 2007 (9), 2009 (6), 2011 (7), 2013 (8), 2017 (7), 2019 (10), 2021 (5), 2023 (8)

  • ГВИНЕЈА

Гвинеја испиша историја и со победата над ДР Конго во мечот за петтото место на Африканското првенство дојде до место на планетарниот собир за првпат во историјата. Ракометот во земјата бележи подем, затоа што и женската селекција за првпат играше на едно континентално натпреварување во 2022 година, а исто беше и со јуниорските селекции. Со над 12,5 милиони жители, Гвинеја има 1,000 регистрирани ракометари. Тимот брои двајца звучни интернационалци - голманот Пјер Рубенс кој игра за Трембли во француската Старлига и Тео Лебон кој исто така игра во Франција. Тука е и средниот бек Ивен Коршер кој е дел од втората француска лига, Пролигата, а капитенот Омар Бараџи е домашен играч. Со дебито на турнирот, Гвинеја стана 65 земја во светот која играла на Светските првенства.

Клучни играчи: Тео Лебон (десно крило), Пјер Рубенс (голман), Омар Бараџи (среден бек)
Квалификации: Африканско првенство - петто место
Историја на СП: Дебитанти