Економија
Нов едношалтерски систем и поефикасни постапки за увоз, извоз и транзит на стока
01.04.2025
Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем го усвои Предлог законот за едношалтерска околина, нов закон со кој треба да се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока.
- Целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата, информираат денеска од Министерството за транспорт.
Со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
- Законот има за цел да направи и услогласување со европската регулатива, како и целосно усогласување со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА. Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан каде една од компонентите е имплементацијатa на овој Нов Национален Едношалтерски Систем што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем, нагласуваат од Министерството.
Во рамките на оваа активност, преку Проектната единица во рамки на самото Министерство е во фаза на подготовка на тендерска документација за нова електронска “Платформа за дозволи" како и хардверска опрема, која се очекува да биде распишана во мај оваа година.
Овoj софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит како и плаќањето, ќе се одвива по електронски пат на една точка.
Извор МИА
фото freepic