Тамара Тодевска објави дека ќе организира хуманитарен солистички концерт за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тој ќе се одржи на 17 април од 20 часот во Младински културен центар во Скопје.
Средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат наменети за семејствата погодени од пожарот, во кој загинаа 59 луѓе од кои 6 се деца, а над 197 беа повредени од кои 25 се деца. Пожарот изби на концеротот на групата „ДНК“, а загинаа и шест члена на групата.
Тамара ги повикува сите свои фанови и оние кои ја почитуваат македонската музика да бидат дел од овој концерт:
„Хуманоста и солидарноста се вредностите кои можат да ја вратат надежта, а се толку потребни за семејствата на починатите и повредените граѓани во трагедијата во Кочани. Во моментите на тага и жалост да останеме луѓе, да пееме македонска музика, да пееме за Кочани“, кажа Тодевска, додавајќи дека наскоро ќе бидат објавени информации за продажба на картите.