• Саше Љолес

Ново ракометно возбудување е пред нас. Во Хрватска, Данска и Норвешка ќе се одржи 29. Светско ракометно првенство на кое одново учество обезбеди нашата најдобра селекција. Планетарниот собир ќе се одигра во пет града, од кои три се во Хрватска: Вараждин, Загреб и Пореч, Хернинг во Данска и Осло во Норвешка. Домаќин на натпреварите за медалите ќе биде „Унити Арена“ во Осло.
Бранител на титулата е селекцијата на Данска, која на овој собир ќе атакува на четвртатата последователна светска титула, но за првпат без големата ѕвезда Микел Хансен, кој замина во пензија.
На Светското првенство ќе учествуваат 32 селекции поделени во осум групи од прелиминарната рунда. Првите три селекции од секоја група ќе се пласираат во главната рунда, додека осумте елиминирани селекции ќе настапат во „Президент Купот“.
Група Ф: Шпанија, Шведска, Јапонија, Чиле
- ШПАНИЈА:
Што да се каже за оваа селекција, освен дека отсекогаш била меѓу главните фаворити за најсјајното одличје на секое големо натпреварување. Шпанците имаа одредени проблеми сезонава, но тоа не значи дека нема да бијат битка за медалите, а зошто да не и за самиот врв на пиедесталот.
Избраниците на Жорди Рибера имаа разочарувачки настап на Европското првенство, но потоа „скокнаа“ во височините со освоениот бронзен медал на Олимписките игри во Париз. Мисијата овој пат ќе биде тешка, „фуријата“ не се вбројува меѓу главните кандидати за тронот, но во секој случај нивниот ростер ветува спектакуларен ракомет и одлични игри на планетарниот собир.
Клучни играчи: Гонзало Перез Де Варгас (голман), Алеиш Гомез (десно крило), Алекс Дујшебаев (десен бек)
Квалификации: Тесна победа над Србија со вкупни 54-53 во баражот
Најдобри пласмани на СП: Шампиони во 2007 и 2013 година, бронзен медал од првенствата во 2021 и 2023 година.
- ШВЕДСКА:
Швеѓаните имаат многу проблеми со играчкиот кадар и останаа без неколку важни алки во тимот, но и покрај тоа секогаш се селекција за почит, а за тоа доволно говорат и четирите светски титули освоени на 28-те изданија на Мундијалите.
„Викинзите“ имаат вкупно 12 медали од планетарните собири, со перфектно резиме од четири злата, четири сребра и четири бронзи, а последен пат на подиумот беа во 2021 година, кога го освоија сребрениот медал во Египет.
Клучни играчи: Јим Готфридсон (среден бек), Андреас Паличка (голман), Хампус Ване (лево крило)
Квалификации: Пласман со бронзениот медал од Европското првенство во 2024 година
Историја на СП: Шампиони во 1954, 1958, 1990 и 1999 година, сребрен медал во 1964, 1997, 2001 и 2021 година, бронзен медал во 1938, 1961, 1993 и 1995 година.
- ЈАПОНИЈА:
За „Самураите“ ова ќе биде осмо учество на Светските првенства, но никогаш во последните 30 години не завршиле повисоко од 15. место во конечниот пласман. Најголем успех им е пласманот во ТОП-10, но тоа се случи во далечната 1970 година. На овој собир тимот ќе биде без двете ѕвезди од Летните Олимписки Игри, Јасухира и Јошида. Новиот селектор Тони Херона ќе има тешка задача, но никогаш не ги потценувајте Јапонците.
Клучни играчи: Наоки Фуџисака (среден бек), Шинсуке Токуда (десен бек), Наоки Сугиока (лево крило)
Квалификации: Второ место на Азиското првенство во 2024 година
- ЧИЛЕ
Оваа селекција нема пропуштено ниту едно Светско првенство од нејзиниот дебитантски настап во 2011 година, а овој турнир за Чилеанците ќе биде осми во историјата. Јужноамериканската селекција се етаблираше како една од најдобрите на својот контитент, но на планетарните собири не успеа ниту еднаш да ја минe првата група.
Чиле на ова Светско првенство ќе го прослави својот 50. натпревар, а нивниот биланс досега изнесува вкупно четиринаесет победи.
Клучни играчи: Родриго Салинас (десен бек), Ервин Фојктман (лев бек), Естебан Салинас (кружен напаѓач)
Квалификации: Трето место на Централноамериканското ракометно првенство
Најдобар пласман на СП: 16. место на Мундијалот во 2021 година.