Дваесет и седми март е Светски ден на театарот, кој од 1962 година се прославува низ светот. По тој повод, Македонскиот центар при Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО ги лиферува до јавноста, меѓународната и домашната порака за Светскиот ден на театарот. Грчкиот театарски режисер Теодорос Терзопулос, како автор на меѓународната порака, се осврнува кон положбата на човекот во 21 век, манипулиран од политички и економски интереси и од медиумите. А, актерот од МНТ, Емил Рубен, во македонската порака го поврзува ангажираниот став за животната средина и моќта на театарот, како сон да создава нови светови.
Во градот нема премногу чист воздух, потребен за човекот. Ова го кажува пензионираниот актер од МНТ, Емил Рубен во македонската порака за Светскиот ден на театарот – 27 Март. Во неговата порака, Рубен го спојува ангажираниот еколошки и уметнички пристап, користејки како референци наслови од претстави на МНТ.
„На човека му треба чист воздух. Во градот го нема премногу. Затоа се искачува кон врвот на планината. Си мисли, горе полесно се дише, а и погледот допира подалеку. Од врвот се гледа целиот град , како на дланка. А, кога би имал крилја да полетам, си помисли човекот. Зошто не? – Во театарот велат „Сите сме птици“. Еве ми крилја. И полета човекот како птица. Лета, лета и вели „Колку е блиску сонцето““, вели Емил Рубен во македонската порака за Светскиот ден на театарот.
А, во меѓународната порака грчкиот театарски режисер, едукатор, автор и раководител на Меѓународниот комитет на Театарската олимпијада, Теодорос Терзопулос, прашува дали театарот е загрижен за состојбата на човекот во 21 век и дали тој може да биде место за коегзистенција на разликите.
„Граѓанинот е манипулиран од страна на политичките и економските интереси, од медиумските мрежи и компании за формирање на мислење. Каде што социјалните мрежи, колку и да го олеснуваат тоа, сепак се големото алиби за комуникација, бидејќи тие ја обезбедуваат потребната безбедна дистанца од другиот. Сеприсутното чувство на страв од другиот, различниот, странецот, доминира во нашите мисли и дела. Може ли театарот да функционира како работилница за коегзистенција на разликите“, прашува Терзопулос во пораката што ја чита нашиот актер Васил Михаил.
Со порака за Светскиот ден на театарот се јави и Џефри Ерик Џенкинс, претседател на Меѓународната организација на театарски критичари. Во неа тој вели: „Додека авторитарните режими ја консолидираат моќта и ги искривуваат културните наративи за сопствени цели, улогата на театарот како средство за кажување вистина добива нова итност“.
Сотир Трајков