Општество

Објавен конкурсот за финансирање проекти за развојот на креативните индустрии

29.03.2025

Министерството за култура го  објави новиот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата, со кој ќе се поттикне развојот на креативните индустрии во 2025 година.

Со овој конкурс ќе се обезбедат финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови. Со овие проекти се очекува зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам.

Обезбедени  се 10 милиони денари, а конкурсот е поделен на шест видови на проекти - фестивал на креативни индустрии во траење од најмалку 15 дена, фестивал на креативни индустрии кој се одржува континуирано и досега се реализирани најмалку десет изданија, фестивал на креативни индустрии кој се одржува континуирано и досега се реализирани најмалку пет изданија, фестивал/саем/манифестација на креативни индустрии, изработка на колекција/серија на различни креативни/уметнички производи со изложба/презентација на производите и организирање конференција/форум од областа на креативните индустрии.

-Во периодот од 2013 до 2017 година, Министерството за култура објави пет годишни конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на креативните индустрии, при што финансиски беа поддржани околу 270 проекти. На тој начин, на креативниот сектор му беше овозможена непосредна финансиска поддршка во функција на јакнење на креативната активност и промовирање на креативните производи. За жал, од 2018 година, претходната Влада и Министерството за култура целосно ги маргинализираа активностите за промоција и поддршка на креативните индустрии, кои како еден од најдинамичните и најбрзо растечки сектори во глобалната економија имаат голем потенцијал да влијаат на економскиот раст, на социјалната инклузивност и на развој на културната разноликост, рече министерот за култура Зоран Љутков, објави МИА.

 

 

ПРЕПОРАЧАНО