• Саше Љолес

Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, за клупскиот веб-сајт изјави дека е презадоволен од победата над Брера Струмица во ПМФЛ и нескромно рече дека неговиот тим бил доминантен на теренот.
Тетовскиот прволигаш го искористи „киксот“ на Силекс и побегна на четири бода предност во однос на кратовчани, а Беќири смета Шкендија можела да слави уште поубедливо.
„Мислам дека одигравме доминантно и заслужено победивме. Ако го анализираме мечот, ќе сфатиме дека не искористивме неколку убави шанси, но сепак, успеавме да ги освоиме бодовите.
Да не се случеше тој несреќен пенал, мислам дека победата ќе беше уште поубедлива. Знаеме дека нема лесни натпревари, затоа максимално ќе се подготвуваме за секој нареден предизвик.
Нашата цел е да освоиме повеќе бодови од другите тимови до крајот на првенството и да ја вратиме кај нас шампионската титула“, рече Беќири.
Шкендија сега има 54 бода, четири повеќе од второпласираниот Силекс. Во следното коло ќе се соочи со екипата на Тиквеш во Кавадарци.