Со убедлива победа во три сета, одбојкарките на Јанта Волеј се пласираа во финалето на женското издание на Купот на Македонија. Во салата „25 Мај“ во Радовиш, скопското дерби меѓу Јанта Волеј и Работнички, за жал, не донесе возбудувања подолги од три сета, а лидерот на табелата во регуларниот дел од сеозната покажа дека во моментов е во најдобра форма.
ЈАНТА ВОЛЕЈ – РАБОТНИЧКИ 3:0 (26:24, 25:11, 25:19)
Освен во првиот сет во кој гледавме драматична завршница која Јанта Волеј ја доби на разлика, во следните два сета Работнички како да не можеше да се носи со притисокот од пласманот во ново финале. Избраничките на Никола Јаневиќ успеаја да ги освојат и следните два сетa и да си обезбедат место во утрешното финале. Во борбата за првиот пехар сезонава, Јанта Волеј утре ќе се соочи со Наковски волеј, кој во првото полуфинале со идентичен резултат славеше над Фит фан Волеј. Женското финале на Ф4 турнирот во купот на ОФМ е на програмата утре од 16 часот.