Гостивар со порака: Извинете што ви дадовме надеж за титула и Европа!

Иако математички не им е изгубена трката за пласман на меѓународна сцена идната сезона, од раководството на Гостивар испратија помалку чудна објава на социјалните мрежи. Факт е дека Гостивар остана без шанси за шампионскиот трофеј, но шансите за пласман во Европа сè уште се отворени.

Сепак, од таборот на Гостивар им се извинија на фановите за лошите резултати во последниот период, откако претходно како што тврдат им дадоа надеж за титула и излез во Европа.

„Се извинуваме за разочарувањето на нашите фанови откако претходно во сезонава им дадовме надеж за титула и за пласман во eвропските купови на крајот на сезоната. Немаме оправдувања, немаме што да кажеме, ве разочаравме и неизмерно ни е жал“, стои во објавата на Гостивар.

Оваа објава на Гостивар доаѓа по денешниот пораз од Беса од 2-1. По 26. кола во ПМФЛ Гостивар е на четвртата позиција на табелата со 44 бода, само пет помалку од Работнички кој е на третото место, последно кое што води во Европа.