Иванковиќ: Во Охрид го гледам својот напредок во кариерата!

Македонскиот суперлигаш Охрид се пофали со уште едно големо засилување за следната сезона. Анте Иванковиќ пристигнува во амбициозниот проект на охриѓани. Хрватскиот бек со тимот, кој ќе биде предводен од Борис Ројевиќ, ќе остане најмалку две сезони. 

По потписот хрватскиот бек не ги криеше импресиите што ќе го носи сино-белиот дрес на „гладијаторите“.

„Бев многу импресиониран од луѓето во клубот кои имаа голема желба следната сезона да направат голем проект, со големи амбиции. Тоа многу ми се допадна, тука го гледам својот напредок во понатамошната кариера и размислувам само позитивно, ништо повеќе од тоа.
Македонската лига е многу квалитетна, со четири директни конкуренти за шампионската титула. Динамична, одлична за публиката, така да, имам само добро мислење“, кажа Хрватот.

Иванковиќ ги искажа и првите импресии од Охрид.

„Утрово за првпат ја видов вистинската слика на Охридското езеро и можам да кажам дека чувството е како да сум на море“.

Иванковиќ има 24 години и е дел од поширокиот состав на хрватската репрезентација под кормилото на Перковац и Сигурдсон, а ги има поминато и сите младински категории на репрезентацијата на Хрватска. Тој во Охрид доаѓа од Штутгарт по две сезони минати во Бундеслигата.