Свет
Трамп со денешната одлука го менува светот: ова се трите најважни прашања

Доналд Трамп вели дека царините доаѓаат. Таа порака од американскиот претседател останува конзистентна. Но кои царини и кога? Увозните даноци се воведуваат толку брзо и често откако тој ја презеде функцијата што е тешко да се следи, пишува Би-би-си.
Трамп веќе ги зголеми царините за увоз од Кина, челик, алуминиум и одредени производи од Канада и Мексико. Оваа недела треба да стапат на сила повисоките царини за автомобилите. Сега чекаме Трамп да ги открие деталите за неговиот план за поширок сет на царини, на кои неговиот тим работеше во последните неколку недели. Белата куќа го нарекува Ден на ослободувањето. Значи, што би можеле да дознаеме во среда?
Колку ќе бидат царините?
Белата куќа не соопшти колку високи би можеле да бидат царините, иако аналитичарите предложија различни можни стапки. За време на минатогодишната кампања, Трамп се залагаше за царина од 10% за целиот увоз во САД и повремено сугерираше дека таа би можела да биде висока до 20% – па дури и 60% – на увозот од Кина.
По преземањето на функцијата, тој ја претстави идејата за „реципрочни“ царини, сугерирајќи дека стапките може да варираат од земја до земја. „Многу едноставно, ако ни наплатат, ние им наплатуваме“, рече тој во февруари, непосредно пред да им нареди на официјалните лица да развијат таков план.
Речиси веднаш потоа, Белата куќа ги искомплицира работите велејќи дека нивните препораки ќе ги земат предвид не само царините, туку и другите политики што ги сметаат за нефер за американскиот бизнис, како што е данокот на додадена вредност (ДДВ).
Тоа предизвика конфузија додека компаниите и политичките лидери се обидуваат да откријат колку новиот данок би можел да ги погоди нивните производи – и како оној што е најавен за денеска ќе се вклопи со постоечките царини, како што се оние за челик и алуминиум што Трамп веќе ги наметна.
На пример, европските претставници се подготвуваат за двоцифрени царини за нивниот извоз. Трамп претходно оваа година рече дека планира да воведе царина од 25 отсто за стоки од Европската унија.
Кои земји би можеле да бидат засегнати?
Администрацијата на Трамп сè уште не потврди кои земји ќе бидат погодени, иако тие ја опишаа најавата за среда како сеопфатна. Во неделата, претседателот рече дека новите царини би можеле да важат за „сите земји“, сугерирајќи можно враќање на идејата за сеопфатна царина што тој ја поддржуваше за време на кампањата.
Ова ги уништи надежите во некои земји, како што е Велика Британија, која се надеваше дека ќе остане под радарот – иако многумина сè уште сакаат да преговараат за некој посебен договор. Останува нејасно дали царините ќе бидат универзално применети или насочени.
Минатиот месец, секретарот за финансии Скот Бесент рече дека напорите биле насочени кон „валканите 15“ – 15% од земјите кои го сочинуваат најголемиот дел од трговијата со САД и кои наметнуваат царини или други прописи што ги ставаат американските компании во неповолна положба. Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, додека ги подготвуваше своите препораки, ги идентификуваше земјите за кои е „особено заинтересиран“.
Тоа беа: Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Европската Унија, Индија, Индонезија, Јапонија, Кореја, Малезија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Швајцарија, Тајван, Тајланд, Турција, Обединетото Кралство и Виетнам.
Трамп упати некои од своите најжестоки критики кон историските сојузници и големите трговски партнери, како што се Канада и ЕУ. „Пријателот е често многу полош од непријател“, изјави тој минатата недела.
Какво ќе биде влијанието на царините?
Царините се даноци за увоз. Па, клучното прашање е: кој ќе плати?
Технички, одговорот е едноставен: американските компании кои увезуваат стоки ќе бидат тие што ќе ја платат сметката – особено ако Белата куќа одлучи да воведе царини „веднаш“, како што предложи во вторникот портпаролката Каролина Левит.
Но, колку се повисоки царините, толку повеќе компаниите ќе бараат начини да ги надоместат тие трошоци – дали со менување добавувачи, споделување на трошоците со деловни партнери или зголемување на цените за Американците. Многу компании велат дека веќе се подготвуваат за овој чекор. Но, тоа е ризична игра бидејќи, ако цените се зголемат премногу, купувачите едноставно ќе се откажат.
Оваа динамика го зголемува ризикот од економска рецесија – и во САД и во странство, каде што многу компании се потпираат на американскиот пазар. Трамп вели дека компаниите кои сакаат да избегнат царини можат едноставно да ги префрлат операциите во САД, но тоа не е брзо или лесно решение, со оглед на високите трошоци за ангажирање и отворање фабрика.
Кога ќе се вклучат валутни флуктуации и можни контрамерки од други земји, последиците од обидот на Трамп да го ресетира глобалниот трговски биланс најверојатно ќе се почувствуваат долго по објавувањето денеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ни шести пат не успеа обидот за избор на претседател на косовското собрание

Собранието на Косово и со шестиот обид денеска не го избра Аљбуљен Хаџиу за претседател на собранието.
При гласањето Хаџиу доби поддршка од 54 пратеници, 44 беа против, а три лица беа воздржани.
За него гласаа пратениците на Самоопределување, како и пратениците на малцинските заедници, освен Адем Хоџа, кој гласаше против.
На седницата не учествуваше пратеничката Дуда Баље, која досега гласаше против.
Против гласаа членовите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.
Претставниците на досегашната опозиција, по седницата, изјавија дека сè ова личи на театар и ја обвинија победничката партија дека намерно го спречува конституирањето на парламентот бидејќи нема гласови за формирање на новата влада на Косово.
Од друга страна, Самоопределување ги обвини пратениците на поранешната опозициска партија дека го блокираат нивниот предлог.
Продолжението на конститутивната седница на косовскиот парламент е закажано за 1 мај.
Свет
Русија: Подготвени сме да го почнеме мировниот процес, без никакви услови, Украина не одговара

Кремљ соопшти дека Украина не одговорила на понудите на рускиот претседател Владимир Путин да почне директни мировни преговори и дека не е јасно дали ќе го почитува тридневниот прекин на огнот во мај.
„Претседателот Путин беше тој што во неколку наврати рече дека Русија е подготвена, без никакви услови, да го почне мировниот процес“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Досега не добивме одговор од режимот во Киев“, додаде.
Во понеделникот Путин прогласи тридневен прекин на огнот во Украина од 8 мај кога Русија планира голема прослава на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Украина, од друга страна, се сомнева зошто Москва не сака да се согласи на нејзиниот повик за итен прекин на огнот од најмалку 30 дена.
„Ние ги цениме човечките животи, а не парадите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Песков рече дека е многу тешко да се знае дали Украина има намера да го почитува прекинот на огнот.
Свет
Трамп: Јас ја водам Америка, но и светот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговите претседателски мандати значително се разликуваат истакнувајќи дека овој пат тој ја води земјата, но и светот.
„Првиот пат имав две задачи, да ја водам земјата и да преживеам; морав да се справам со разни измамници“, рече Трамп во интервјуто објавено вчера. „И вторпат ја водам земјата, но и светот“, додаде тој.
По враќањето на функцијата во јануари, Трамп издаде серија опсежни извршни наредби во разни области, при што неговите мерки за имиграција и трговија привлекоа најголемо внимание и жестоки правни предизвици и критики од светските лидери.
Во делот на трговијата Трамп предизвика глобални реакции со најавата за воведување царини за повеќето земји, вклучувајќи ги и најголемите американски трговски партнери, иако одложи некои конкретни мерки до јули. Ваквите потези донесоа неизвесност на светските пазари и ја зголемија економската загриженост.
Односите со долгогодишните американски сојузници дополнително се влошија со реториката на Трамп за можна анексија на Гренланд и на канадски територии.
Во исто време, тој посвети голем дел од првите месеци од својот нов мандат на обидите да посредува за договор за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Говорејќи за Атлантикот, Трамп се осврна и на прашањето за потенцијално трето кандидирање за Белата куќа, идеја за која зборуваше и претходно, но за која републиканските пратеници во голема мера ја гледаат како шега.
„Тоа не е нешто што планирам да го направам. И мислам дека би било многу тешко да се направи“, рече Трамп во интервјуто.
Трамп денеска отпатува за Мичиген, каде што ќе одржи митинг по повод првите 100 дена на власт.
„Претседателот Трамп со нетрпение очекува да се врати во големата држава Мичиген следниот вторник, каде што ќе одржи митинг во округот Макомб за да ги прослави своите први 100 дена!“, напиша на платформата X минатата недела портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.