• Горан Упале

Екипата на Реал Мадрид е последниот патник во четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако во трилер-реваншот на „Ванда Метрополитано“ беше поуспешна во изведувањето на пеналите од Атлетико Мадрид. „Јорганџиите“ во регуларниот дел извојуваа победа од 1-0 (1-0), а откако немаше голови во дополнителните триесет минути, драмата во Мадрид заврши со удари од единаесет метри. Трагичари на домашниот тим беа Алварез и Љоренте, додека за Реал непрецизен беше само Лукас Васкез.
- Извештај од натпреварот:
Во првиот тим на актуелниот шампион се врати хрватскиот ас Лука Модриќ, кој го зазеде местото на Брахим Диаз, кој беше стартер во првата средба, а нападот одново беше предводен од Родриго, Винициус и Мбапе. Промени имаше и во таборот на домашниот тим. Диего Симеоне шанса од првата минута им даде на Конор Галагер, во однос на Лино, а на левата бековска позиција се најде Мандава, место Галан.
Мадридското дерби започна со голем шок за „кралевите“ по само триесет секунди игра. Англискиот репрезентативец Галагер, по центаршутот на Де Пол, се најде на вистинско место во вистинско време и го совлада Куртоа, за огромна радост на трибините и водство на Атлетико од 1-0. За некогашниот ас на Челзи ова беше прв погодок во Лигата на шампионите оваа сезона, на деветтиот настап.
Сите подготовки на Анчелоти и Реал за овој натпревар паднаа во вода по рано примениот гол. „Кралевите“ имаа иницијатива, но таа беше јалова, затоа што првото полувреме го завршија со само еден директен удар кон домашниот гол. Атлетико, пак, откако во свој стил се одбрани од налетот на противникот, во финишот се закани двапати, но и во двата наврати Куртоа беше поуспешен од Алварез.
Анчелоти и Симеоне со исти сили го започнаа второто полувреме, а по дваесет минути игра во продолжението, во кои речиси и да немаше поголемо возбудување, италијанскиот стратег прв се реши за промени и средниот ред го освежи со Камавинга и Лукас Васкез. Килијан Мбапе долго време чекаше простор на дербито со Атлетико, а кога го доби, со слалом „измеша“ двајца противнички дефанзивци, од кои Ленгле во знак на немоќ мораше да го фаулира и Марчињак покажа на белата точка.
Одговорноста ја презеде Винициус Јуниор, но бразилскиот ас го изведе можеби најлошиот пенал во кариерата, затоа што топката го префрли голот на Облак. До крајот на регуларниот дел Атлетико се закани уште двапати, но ударите на Кореа и Симеоне не завршија во посакуваната цел. Така, дербито на Мадрид влезе во продолженија, во кои се играше брз и отворен фудбал, но без посериозни шанси на двете страни.
Откако немаше голови ниту во дополнителните триесет минути, патникот во четвртфиналето го решаваа пеналите. Во ударите од единаесет метри поуспешни беа гостите, откако ВАР му го поништи голот на Алварез, поради два контакти со топката при ударот, а Љоренте ја погоди пречката.
Во четвртфиналето Реал Мадрид ќе се судри со Арсенал, кој во оваа фаза го елиминира ПСВ Ајндховен.