Македонија

Советот на обвинители застана зад Коцевски и се спротистави на Владата – сметаат дека државниот обвинител треба да остане на функцијата

Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, рече дека членовите даваат негативно мислење за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Таа не ги образложи причините и рече дека за тоа ќе биде запознаена Владата. Притоа јавноста беше исклучена од седницата, па не можеше да ја следи дискусијата која се водеше пред да се донесе ваков заклучок.

„Разгледувајќи го предлогот на Владата по однос на разрешувањето на јавниот обвинител, донесе одлука со мнозинство и дава негативно мислење по однос на предлогот на Владата за разрешувањето“ рече Душица Димитриеска.

„Јавноста беше исклучена по предлог на Советот, со цел заштита на угледот и интегритетот, како и заштита на податоците кои ги достави јавниот обвинител во предлогот“, рече Димитриевска.

Прашана како јавноста да биде уверена дека нивната одлука е исправна кога не ја следела дискусијата, Димитриевска рече дека ќе може јавноста да чита записници.

Димитриевска беше прашана и кои се аргументите поради кои Советот не се согласува со разрешувањето на Коцевски и одговори: „Во однос на тоа немам коментар. Советот ќе го изготви мислењето и ќе го достави до Владата“.

Процедурата за разрешување на Коцевски ја започна Владата. Тие побараа мислење од Советот на обвинители, а членовите на Советот бараа став од Коцевски. Но и по негативното мислење од Советот – процедурата може да продолжи во Собранието. Конечниот збор можат да го имаат пратениците.

Но, по трагедијата во Кочани, Мицкоски рече дека ќе се паузира со разрешувањето на Коцевски, со цел, да се спроведе квалитетна и темелна истрага за пожарот во дискотеката. Владата нема да го праќа мислењето од Советот на обвинители до Собрание.

На почеток