Во градови низ Србија ќе се одржат протестни прошетки - “Кампањата на насилство мора да престане“

Протестна прошетка „Кампањата на насилство мора да престане!“ ќе се одржи денеска во градови низ Србија во знак на поддршка на универзитетската заедница поради се почести закани, вербални и физички напади врз нејзините членови, јави дописникот на МИА од Белград. Таа акција ќе се одржи откако вчера на протест во Ниш беше нападната и повредена со нож деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш, Наталија Јовановиќ.

Протестот почнува во 19 часот во градови низ Србија и е организиран од Бунтовничкиот универзитет, Слободниот универзитет во Нови Сад, Слободниот универзитет во Ниш и Слободниот универзитет во Крагуевац.

Собирот пред Рекоторат на Студентскиот плоштад во Белград започнува во 18 часот и 45 минути. Колоната ќе се движи по неколку улици во центарот до Републичкото јавно обвинителство.

Во Нови Сад, протестната прошетка ќе започне во 19 часот од кампусот, а ќе се движи до плоштадот на Слободата.

Во Ниш ќе има протести пред зградата на Основниот суд, а во Крагуевац пред Палатата на правдата.

Проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград побара итна реакција од надлежните институции по нападот на деканката на Филозофскиот факултет во Ниш и преземање мерки што ќе обезбедат спречување на насилства врз членовите на академската заедница и граѓаните на мирните протести, бидејќи таквото насилство води „кон отворена репресија“.

Според нив, тој чин на насилство треба да се гледа во контекст на атмосфера „создадена со клевети, навреди, закани и притисок од високи јавни функционери и таблоидни медиуми“.

„Веќе предупредивме дека континуираните вербални напади во јавноста, на кои особено е изложен ректорот на нашиот универзитет, претставуваат чекор кон отворена репресија, но и создавање амбиент што практично поттикнува насилство врз студентите и професорите“, се вели во соопштението.

Проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград бара „да престане говорот на омраза, што може да доведе до трагични последици“ и бара од институциите „да преземат мерки за утврдување на одговорноста на медиумите“ и поединците кои „преку своите јавни настапи влијаат на поттикнување нетолеранција и конфликт во општеството и вршат притисок врз судството, а со тоа ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“.