18.04.2025 06:15
Вести Македонија Топ вести

Маркова Река се повлече, жителите пресметуваат штети

Уништени гаражи, подруми и ниви. Водата која се излеа од Маркова Река остави едно семејство со осум деца ноќта да ја помине надвор, откако реката го поткопала земјиштето под нивната куќа, која сега е навалена кон реката. Мајката низ солзи вели нема каде да одат.

„Ние мислевме нема да биде ништо страшно. Во три часот заспавме со децата и одеднаш забележавме дека куќата ни е падната поради големата количина вода која дошла наваму. Цела ноќ спиевме надвор со децата. Нема каде да одиме сега“, сведочи жителка.

Жителите сведочат и за стравот што го доживеале.

„Водата дури сега се има целосно повлечено. Овде беше страшна поплава. Имаше велосипеди и дрва во дворот, но водата се ни однесе. Целиот двор ми беше поплавен“, раскажува граѓанин.

Нивото на водата сега е стабилно, а службите ги проверуваат оштетувањата.

По вчерашното излевање на Маркова Река, на терен моментално се врши експертиза на мостот кој е затворен за автомобили, сè додека не се утврди неговата стабилност.

Според увидот, мостот е стар и оштетен, но конструкцијата е стабилна. Вчерашната поплава не го оштетила.

„Направивме увид. Мостот не е во добра состојба, но тоа не е од сега. Тој е можеби таков 10 до 15 години наназад. Ние се спуштивме и под мостот и забележавме дека темелите не се оштетени и столбовите се стабилни, но има една пукнатина која треба да се санира, но сметам дека тоа не е од сега“, изјави Михаил Гаревски, директор на Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени.

Градоначалникот на Студеничани вели дека службите веднаш реагирале.

„Ангажиравме во почетокот приватни градежни фирми со механизација за да го стопираат прелевањето на Маркова Река. Меѓутоа водата, сепак, успеа да направи штета во неколку дворови и куќи“, објасни Азем Садики, градоначалник на Студеничани.

Поради обилните врнежи од дожд, водата од Маркова Река вчера се излеа од коритото и поплави неколку места. Патиштата не беа проодни, автобуските линии беа пренасочени, а железница го прекина сообраќајот во правец Лисиче – Драчево.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Раст на цените на јајцата во ЕУ 

Дејан Дејан

Според истражување во Србија 70 отсто од испитаници не гледаат решение во власта и опозицијата

Дејан Дејан

Зеленски најави привремен чекор кон договор за суровини со САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе