Еурофарм Пелистер во вториот дел го сруши Тиквеш за успешен плеј-оф старт

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја оправдаа фаворитската улога и славеа со 27-32 (15-16) на гостувањето кај Тиквеш 2014 во натпреварот од првото коло во суперлигашкиот плеј-оф. Иако играа без повредените Петар Атанасијевиќ и Нејц Цехте, момците на Раул Алонсо водеа во поголемиот дел од натпреварот и не го доведоа прашањето на победникот во дилема.

  • Комплетниот натпревар помеѓу Тиквеш 2014 и Еурофарм Пелистер: 

Битолчани стартуваа за нијанса подобро и имаа предност во воведните минути, но Тиквеш бргу возврати и бевме сведоци на резултаско „нишање“ до крајот на првото полувреме. Египќанецот Мамдух заработи директен црвен картон по само десет минути и ги поремети плановите на Раул Алонсо и во двата правци. Актуелниот шампион потоа повторно заигра во добар ритам и успеа на паузата да заминне со минимална предност (15-16), а вистински предводник беше капитенот Филип Кузмановски, кој имаше осум гола во првите триесет минути. 

Гостинот од Битола одлично го отвори второто полувреме и поведе со три гола разлика (18-21) во 39. минута, најавувајќи дека сака да го освои целиот плен во Кавадарци. Филип Ивиќ одбрани неколку топки, а капитенот Кузмановски и крилата го оддалечија првакот на +5. Кавадарчани во следниот период се обидуваа да ја „стопат“ предноста, но Еурофарм Пелистер веќе беше во супер-налет и до крајот не дозволи да си ја загрози победата, триумфирајќи со конечни и уште поубедливи 27-32.

Најефикасен ракометар кај победничкиот тим беше репрезентативецот Филип Кузмановски со дванаесет гола, а на спротивната страна одлично издание имаше Игор Кривокапиќ, кој впиша десет погодоци зад своето име. Натпреварот го следеа 1.500 гледачи, а двете навивачки групи збратимено и заеднички навиваа. Битолските судии Михајло и Методија Илиевски добро го водеа натпреварот.

Во следното коло Еурофарм Пелистер ќе гостува кај тимот на Охрид, додека Тиквеш 2014 ќе патува на тежок предизвик кај Алкалоид во Скопје.