Економија

ТРАМП ВО СРЕДА ГО НАЈАВИ „ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО“-ВОВЕДУВА ЦАРИНИ ЗА ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ

31.03.2025

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа недела ќе ги опфатат сите земји, а не само помала група од 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс. Трамп рече дека ќе воведе низа реципрочни тарифи против земјите кои воведуваат тарифи за увоз на американски производи и вети дека ќе се изедначи со царините за тие земји.

Трамп вети дека во среда ќе го претстави сеопфатниот тарифен план, нарекувајќи го „Ден на ослободувањето“. Тој претходно воведе царини за алуминиум, челик и автомобили, а исто така ги зголеми царините за увоз на сите стоки од Кина.

Белата куќа неодамна соопшти дека тарифните планови би можеле да таргетираат 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс. Но, сега Трамп повторно вели дека реципрочните царини би можеле да влијаат на сите земји.

Трамп ги гледа царините како начин да се заштити домашната економија од нелојална глобална конкуренција и преговарачка алатка за подобри услови за САД. Сепак, загриженоста за трговската војна ги затресува финансиските и стоковите пазари и ги зголемува стравувањата од рецесија во САД.

Во последните неколку недели цените на акциите на Волстрит и другите големи светски берзи драстично паднаа поради неизвесноста околу овие царини и стравувањата од ескалација на трговската војна, бидејќи голем број земји, вклучувајќи ги Кина, Канада и ЕУ, најавија контрамерки, пренесува Сеебиз.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано