Вести
Од болниците во Скопје денеска ќе се испишат 12 пациенти
25.03.2025
Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека денеска од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 пациенти од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во земјава по трагичниот настан во Кочани. Од оние кои се лекуваат во странство, денеска се очекува едниот пациент да се врати од Белград и да продолжи неговото лекување во Скопје.
Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.
- За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период, рече Таравари на прес-конференција.
Од болниците во земјава, како што посочи, на Детска хирургија нема да има пациенти, а остануваат пациенти на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ ќе останат на лекување шест пациенти.