Брера против Вардар во меч од големо значење, Работнички брка победа на „Чаир“ по четири години

Со убедливата победа на Струга Трим Лум на Пелистер од 4-1 во саботата беше отворено 26. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а за денес се закажани преостанатите пет натпревари, кои ќе се одиграат во пет различни градови.

Во предигра на полуфиналната битка од Купот, Брера во Струмица ќе го пречека залетаниот Вардар. „Црвено-црните“ играат во одлична форма во овој дел од шампионатот и веќе пет кола се без пораз, а осоколени од триумфот во Битола на „вечното“ дерби, денес ќе атакуваат по нови три бода, кои во овој момент се многу поважни за струмичани. Брера се наоѓа во незавидна ситуацијата и е на претпоследното место на табелата и заедно со Тиквеш, Беса и Воска Спорт ќе водат голема битка за опстанок во елитата. 

Во големи проблеми е и тимот на Беса. „Фенерџијата“ врза две победи, но во претходното коло загуби од Работнички, а попладнево пред себе ќе го има најголемото разочарување во пролетниот дел од шампионатот. Гостивар беше проектиран за битката за титулата, но по лошите резултати во прашање е и доведен настапот во Европа. Гостивар нема победа три кола, односно само една на последните пет натпревари. 

Дербито на колото ќе се одигра на „Чаир“, каде Шкупи ќе го пречека тимот на Работнички. Дебармаалци, и покрај променливите резултати во последните пет кола (само две победи), сè уште се активни во трката за титулата, а за да останат на таа патека денес ќе мора да победат на тешкото гостување, на кое не славеле четири години. 

На останатите два натпревари Силекс е фаворит на гостувањето кај Воска, а таа улога ја доби и Шкендија против Тиквеш.