По голема драма, Николов со Борац елиминирани, Чурлинов загуби со 2:0, но се радуваше на крајот

Екипата на Борац Бања Лука во осминафиналето го заврши настапот во Конференциската лига на Европа откако по фајтерска борба е елиминиран од Рапид Виена. По ремито 1:1 на првиот меч, вечерва во реваншот во Виена, Борац водеше со 1:0, но Рапид неколку минути подоцна израмни.

Откако по 90 минути повторно беше нерешено 1:1, мораше да се играат дополнителни 30 минути. Во овој период Рапид постигна втор гол, што на крајот се покажа како решавачки за продолжување во следната фаза.

Во тимот на Борац од 74-тата минута на теренот влезе поранешниот македонски репрезентативец Бобан Николов, кој заработи жолт картон. Некогашниот играч на Работнички, Херера, беше еден од најдобрите кај Борац, а голманот Дамјан Шишковски беше резерва.

Серкл Бриж со 2:0 ја победи Јагелонија, но тоа не беше доволно белгискиот тим да оди понатаму. Јагелонија имаше позитива од 3:0 по првиот дуел, па и покрај поразот вечерва со 2:0, на крајот се радуваа гостите. Кај Јагелонија од 58-мата минута на теренот влезе Дарко Чурлинов.

Во следната фаза од Конференциската лига отиде и Ѓургарден, кој вечерва со 3:0 славеше над Пафос и ја анулира негативата од еден гол по првиот меч.

Пеналите решаваа на двомечот меѓу Лугано и Целје. Тимот од Словенија имаше 1:0 по првиот дуел, а вечерва во реваншот беше 4:3 по регуларните 90 минути. Во дополнителните 30 минути Целје погоди за 4:4, а Лугано даде гол за 5:4 и мораше да се шутираат пенали за да се дознае патникот во четвртфиналето. Во пенал-рулетот играчите на Лугано промашија три од четирите пенали, а гостите ги погодија сите три удари и на крајот се радуваа.

- Оглас -

Најнови вести