Интервјуа
НАЈДОБРИОТ ПОДАРОК ЗА ПЕТГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ – ДЕСЕТКРАТЕН РАСТ НА СРЕДСТВАТА ПОД УПРАВУВАЊЕ И ТРОЈНО ЗГОЛЕМEНО ЧЛЕНСТВО!
Мега интервју со Тихомир Петрески | Претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
Претседателот на Триглав пензиско друштво АД Скопје е човек со впечатлива професионална кариера која ги спојува маркетингот, менаџментот и финансиите. Со повеќе од две децении работно искуство во земјава и надвор од нашите граници, тој постојано ја става на испит својата креативност преку развој на деловни стратегии и управување со комуникации наспроти нумеричкиот свет на финансиите. Денес неговиот фокус е насочен кон финансиската сфера каде што креативните решенија даваат посебна вредност во рамките на строго регулираниот пензиски систем. Неговото професионално патување е доказ дека и во најрегулираните индустрии постои простор што овозможува согледување на можностите со уникатна визура.
На позицијата претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје сте назначени уште во април 2021 година, но многу ретко е забележано ваше појавување во медиумскиот простор. Има ли некоја посебна причина или едноставно тоа е резултат на тековните околности?
Т. Петрески: Морам да признам дека делумно постои причина која произлегува од личен аспект или став кога станува збор за јавни настапи на професионално ниво. Сметам дека постигнатите резултати на компанијата се тие кои треба да зборуваат за успехот на менаџерот. Како претконтекст на почетокот на мојот професионален ангажман во Триглав пензиско друштво беше корона кризата и во тој период сѐ уште се соочувавме со последиците од пандемијата. Таа уште имаше влијание врз деловниот амбиент, гледано низ призмата на ограничувањата за движење, на работењето од дома, со големо влијание врз функционирање на компаниите чија работа зависи од директен контакт меѓу учесниците во деловниот процес.
Вака сетираната сцена донесе значителен предизвик за посветеност кон мојата побрза адаптација за професионалните обврски и приоритети во Триглав пензиско друштво, а попуштањето на социјалните рестрикции наметна и побрзо работно темпо.
Мојот личен став – кој е воден од уверувањето дека секој професионален јавен настап треба да произлегува од потребата за споделување информации за одредени деловни успеси и предизвици кои се суштински поврзани со професионалниот опус и резултати на поединецот во компанијата во која работи – ме наведе да сметам дека условите за интервју или друга форма на корпоративна комуникација сѐ уште не беа остварени.
Веруваме, тоа не е случај сега. Петгодишниот јубилеј и континуираниот раст на друштвото се доволен предизвик да се излезе од себенаметнатиот медиумски егзил, нели? Скромноста и не е некоја доблест кога зад некого стои реален успех.
Т. Петрески: Се согласувам. По речиси четири години од моето назначување во Триглав пензиско друштво постојат повеќе причини да се направи соодветен осврт и да се одбележат значајните достигнувања во периодот кој донесе бројни предизвици. Една од најважните е одбележувањето на петгодишното присуство на друштвото на македонскиот пазар на капитално финансирано пензиско осигурување (КФПО). Овој јубилеј сам по себе е значаен успех ако знаеме дека друштвото беше формирано и започна со работа во време кое се совпаѓа со почетокот на глобалната здравствена криза.
Деловната 2020 година беше одбележана со антиковид мерки кои директно влијаеја на целокупниот бизнис во земјава и во светот. Формирано како „зелена инвестиција“ во рамките на групацијата Триглав во Македонија, етаблирањето и опстојувањето на Триглав пензиско друштво Скопје само по себе може да се смета за огромен успех.

Во овој контекст, каков беше вашиот прв впечаток кога го презедовте раководењето на Триглав пензиско друштво? Беше ли тоа љубов на прв поглед?
Т. Петрески: Првите впечатоци беа позитивни. Се соочив со деловен оперативен модел кој е заснован на строго дефинирани правила на работа во областа на пензиското осигурување, како и со платформа која беше цврсто поставена во рамките на законската легислатива и условите кои ги наметнува пазарот на КФПО за сите субјекти во овој деловен сегмент. За мене претставуваше професионален предизвик од аспект на досегашното повеќе од 20-годишно искуство во други системи во земјава и во странство да го применам во строго регулираниот систем во кој одговорното лице е и вршител на фидуцијарната должност. Е, тоа е вистинскиот предизвик за еден креативец за каков што се сметам – да се адаптира на сферата која не трпи многу импровизации. Но, затоа дозволува креативност која нема да си ја земете здраво за готово и која и во овој строго регулиран систем овозможува да се има подобра визура на можностите. Нема сомнение дека пензискиот е најдобро регулираниот систем во државава, но го знаеме и одговорот на прашањето зошто волкот е најдебел во вратот.
Имајќи предвид дека реформите на пензискиот систем во Македонија стапија на сила во 2005 година, а Триглав на пазарот на КФПО како друштво влезе 15 години подоцна, почнувајќи од „оперативна“ нула, од една страна, тоа беше предизвик, а од друга страна отвораше простор за прилагодување кон професионалните практики и процеси применети кон веќе развиениот деловен модел. Во овој контекст, Триглав пензиско друштво стабилно и постепено успева да ја изгради својата пазарна позиција и да ја стекне довербата на постојното членство. Затоа сметам дека покрај професионалните предизвици се јави и потребата, освен остварувањето на деловните цели за наредниот период, креативно да се надомести пропуштеното во време на глобалната здравствена и економска криза.
Со оглед на овие факти и пазарните услови што постоеја во тој период, како друштво и како тим од докажани професионалци, покажавме голема флексибилност, посветеност и решителност да ги реализираме целите кои ги поставија во групацијата како основа при формирањето на Друштвото за пензиско осигурување, а подоцна и на друштвото преку менаџментот во кој и јас припаѓам. И да не останам должен за второто прашање: љубовта е многу подобра кога ќе созрее!
Градирано од вашите почетоци во друштвото, кои се резултатите кои го прават пикот? Што би издвоиле посебно како факти и бројки кон растот во еден и не толку поволен деловен амбиент?
Т. Петрески: Формирањето и поставувањето на друштвото во услови кои веќе претходно ги споменав – е еден од најважните успеси кои ги постигна друштвото во првите две години од формирањето. Ова е постигнато благодарение на заложбите на сите вработени, но и на постојаната и несебична поддршка на сите компании членки на групацијата Триглав во Македонија, кои му овозможија на Триглав пензиско друштво во рамките на своите капацитети оперативно, кадровско и инфраструктурно функционирање во секоја сфера од дејствувањето. Оттука посебно ја нагласувам и улогата на групацијата Триглав која во ниеден момент не отстапи од стратешката определба на пазарот во Македонија да формира и да постави пензиско друштво и да го заокружи портфолиото на присуство во сите сегменти на осигурување во земјава.
Од постигнатите резултати за овој краток период на постоење, како значаен успех би го издвоил порастот на износот на средствата под управување. Според мене, ова е еден од најзначајните индикатори за деловното работење на едно пензиско друштво. Во периодот на моето доаѓање, друштвото управуваше со средства од пензиски заштеди во проценета вредност од 18 милиони евра, додека денес таа бројка е десеткратно поголема, односно изнесува повеќе од 180 милиони евра. Овој пораст, пред сѐ, се должи на порастот на членството во фондовите со кои управуваме, а кое во период од 2021 година, па сѐ до денес е зголемено за речиси 50 000 пензиски членови кои денес се членови во вториот задолжителен пензиски столб. Денешната бројка од близу 70 000 членови е доказ дека Триглав пензиско друштво успешно се прилагоди на поставените пазарни услови и регулатива во сферата на КФПО, стабилно реализирајќи ги стратешките приоритети во насока на финансиска едукација, зголемена пензиска свесност и подобрен пристап кон потенцијалното членство во пензиските фондови со кои управува. Со тоа друштвото, од основањето, па до денес, реализира двоцифрен пазарен удел во доменот на бројност на членство и околу седум отсто пазарен удел во доменот на средствата под управување. И, секако, да не ја заборавам основната цел на нашето постоење и функционирање како финансиска институција – да ја сработиме професионално доверената задача и да даваме значаен придонес кон стабилноста и оплодувањето на пензиските заштеди на нашите членови. Особено сум горд од фактот што со разумно, со ефикасно и со транспарентно управување со средствата на пензиските фондови успеавме да го надминеме скептицизмот кој постоеше кон нас како ново пензиско друштво, да оствариме во континуитет принос од инвестирањето кој е силно конкурентен на постигнатите резултати од останатите чинители на пазарот и со тоа да се етаблираме пред македонската јавност како посакуван пензиски партнер.

Јасно е дека магичното стапче не ги решава предизвиците во реалноста. Едноставно прашање: На што се должат постигнувањата на друштвото?
Т. Петрески: Прво, факт е дека формирањето на друштвото и неговото пазарно дејствување внесе една нова свежина на пазарот на КПФО. Второ, настојувањата да се остварат стратешките цели и деловните приоритети наметна дејствување со една зголемена креативна динамика во контекст на пристапот при едукација на потенцијалните членови, а поврзани со правата, со обврските и со поволностите кои ги нуди пензиското осигурување на секој еден член на вториот задолжителен и третиот доброволен пензиски столб. Соодветно во овие процеси се применија и се имплементираа сите традиционални, но и иновативни дигитални алатки со кои се олесни процесот на вршење на работи во маркетингот на пензиски друштва, а го олеснија и пристапот до информации на секој постојан и потенцијален член. Низ повеќе расположливи комуникациски канали макотрпно работевме на градењето на старото добро „свето тројство“ – свесноста за брендот, имиџот и довербата.
Дополнително не можам тука да не го споменам и структурирањето на организацијата и изградбата на човечките капацитети во сите оперативни сектори и служби на друштвото. Управниот одбор на друштвото посвети значајно внимание и при изборот на сите професионални кадри и при развојот на неопходни вештини кои не само што требаше да одговорат на предизвиците на пазарот туку и да ја одржат динамиката на експоненцијален пораст на сите деловни индикатори во друштвото, во согласност со зацртаните планови и, секако, соодветно на пропишаната законска регулатива на која се заснова целокупното работење на овој пазарен сегмент.
И од претходниот одговор се насетува дека креативецот во вас не мирува. Покрај професионалниот ангажман, вие предавате и на Универзитетот Американ колеџ во Скопје. Дополнителен вентил или додадена вредност?
Т. Петрески: На Универзитетот Американ колеџ Скопје сум ангажиран како надворешен експерт – практичар и го предавам предметот „Вовед во маркетинг“ во прва година од додипломски студии. Главниот мотив е работата со млади луѓе и, секако, желбата низ призмата на моите долгогодишни практични искуства на новите генерации да им пренесам знаење со кое во иднина на полесен и на подобар начин ќе можат да се определат и да ја изградат својата кариера.
Посебно го издвојувам фактот дека напредокот на технологијата во последниве две декади, развојот на дигиталните алатки и, секако, перцепцијата на младите која ја имаат кон пристапот до информациите − за сите чинители во образовниот процес претставува еден огромен предизвик. Новите генерации сметаат дека преку дигиталните алатки лесно може да осознаваат факти или да дојдат до потребните информации при што несвесно го девалвираат образовниот процес занемарувајќи ја неговата важност.
Од друга страна, достапноста на одредена информацијата не значи и не може да значи дека некој поединец се стекнал со одредено знаење или со професионална квалификација. Соодветно на ова, нашата задача како образовни работници е да воспоставиме спрега или мост меѓу достапноста на информациите и развојот на способностите кај младите нив правилно да ги толкуваат, да ги анализираат и да ги употребат во секоја сфера на нивниот професионален и приватен живот. Овој процес и определба е основата на мотивот кој ме води во реализацијата на повикот кој го имам како образовен работник. Секако, дружењето со младите луѓе, разбирањето на нивните сфаќања, перцепцијата и начинот на размислување дополнително ми помага во процесот на дефинирањето на пристапот и комуникациската рамка на Триглав пензиско друштво поради фактот дека сите тие еден ден ќе бидат пензионери, а во догледна иднина ќе станат и членови на приватните пензиски фондови при што она што се подразбира како основа на дејноста на Триглав пензиско друштво е да се подига степенот на јавната свест и да се развијат алатки за подобра едукација во контекст на една значајна социјална компонента, а тоа е пензискиот систем. Или кусо да одговорам и на вториот дел од прашањето: двојна добивка.
Го имате ли добитниот рецепт за Триглав пензиско друштво и за во следниов период? Која е вашата визија за понатаму?
Т. Петрески: Остануваме доследни во посветеноста кон исполнувањето на поставените деловни цели и приоритети на друштвото и на групацијата Триглав на среден и на долг рок водејќи се, пред сѐ, од нашата фидуцијарна должност поставена на платформата на континуираното подигнување на квалитетот на услугите и грижата за оние за кои пензискиот систем и е наменет.
Сметаме дека овој модел на деловна одржливост е возможен единствено преку силна определба за развивање и за поттикнување на мотивациските фактори и на чувството на припадност на сите вработени кон нашиот тим и групацијата Триглав воопшто и чија посветеност и професионалност се незаменливи компоненти во формулата за понатамошен успех. Продолжуваме понатаму!
Разговараше: Митко Јовановски