• петок, 11 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

В четврток Втора регионална конференција на сметководители и овластени сметководители во организација на ИСОС

В четврток Втора регионална конференција на сметководители и овластени сметководители во организација на ИСОС

Скопје, 1 април 2025 (МИА) – Околу 500 сметководители и овластени сметководители  од земјава и регионот ќе учествуваат на Втората регионална конференција на сметководители и овластени сметководители  што ќе се одржи в четврток во Скопје во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС).

На конференцијата под мотото „Нова ера во сметководството – Стандардите како предизвик, технологијата како сојузник“ ќе има и претставници на релевантни домашни и меѓународни институции и организации, како и од академската заедница и од деловниот сектор. 

Како што истакна претседателката на ИСОС Весна Прентоска на денешната средба со новинарите, главна цел на конференцијата е отворање на дијалог за иднината на сметководствената професија преку адресирање на предизвиците поврзани со усогласување на Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), воведувањето на ЕСГ принципите во финансиското известување, како и интеграција на новите технологии, особено вештачката интелигенција и анализата на големи податоци во секојдневната работа на сметководителите.

Во рамките на конференцијата ќе се одржат по две панел дискусии и презентации на најдобрите практики на кои ќе учествуваат  претставници од Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Организацијата на даночни советници на Европа, Македонската банкарска асоцијација, Македонската берза, како и домашни практичари и млади професионалци. Ќе има и дискусија со новата генерација сметководители, како идни лидери на професијата, на која ќе учествуваат студенти од Катедрата за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ.

ИСОС е независна, неполитичка, непрофитна професионална организација во која членуваат сите сметководители и овластени сметководители кои ја извршуваат оваа дејност во земјава. ИСОС има законска надлежност да издава уверенија за сметководители и овластени сметководители, како и лиценци за работа на трговци  поединци – сметководители и друштва за вршење сметководствени услуги, да ја контролира нивната работа, да води регистри на професионални сметководители и сметководствени бироа и да врши електронска размена на податоци од ваквите регистри со Централниот регистар и Управата за јавни приходи. Покрај тоа, ги преведува меѓународните сметководствени стандарди, ја следи примената на меѓународниот Кодекс за етика за професионални сметководители, издава одобренија на специјализирани фирми кои спроведуваат обуки за континуирано професионално усовршување на сметководителите и врши надзор на нивната работа. вј/sa/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан