Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е кадар на Алтернатива во рамки на Коалицијата „Влен“ за именувањето на Петар Богојески, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, изјави дека тоа прашање не е во негова надлежност, но оти како коалиција реагирале во Владата.
- Ние како министерство за европски прашања немаме компетенции над таа Агенција ниту на нејзиното менаџирање, ниту за именувањето на директорот. Ова прашање колку што знам е под ингеренции на Министерството за образование. Ги споделувам реакциите со јавноста, можеби процесот на именувањето требаше да биде попретпазлив, но не се гледам себеси одговорен да давам коментар за нешто што не сум компетентен…Се разбира дека вчерашната загриженост во јавноста сме ја пренасочиле и во Владата, сме дискутирале, но ќе видиме како понатаму, кажа Муртезани на новинарско прашањена заедничката прес конференција со неговиот унгарски колега Јанош Бока.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за назначувањето на Богојевски изјави дека не може да коментира работа на директор кој е на функција два дена. Јаневска денеска рече ги слушнала реакциите и дека ако се појават проблеми ќе бидат преземени мерки.
-Не би можела да ја коментирам работата на директор кој е поставен пред еден или два дена. Ја слушам реакцијата и, оттука, како и сите други, ќе се следи работата на директорот. Доколку е се во ред и тој е деполитизиран, ќе немаме проблем. Ако има некакви други проблеми, ќе се преземат мерки. Политичките партии имаат удел во функционирањето на Владата, но кога поставуваме функционери ги поставуваме да бидат непартиски и да си ја вршат работата за којашто се поставени и таму да организираат и да спроведуваат закони и да работат најдобро што можат, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Економски форум организиран од „Фајнанс тинк“.
Демократската унија за интеграција вчера ја осуди одлуката на Владата за назначувањето на Богојевски на директорската позиција, бидејќи вели дека тој во јавноста често изнесувал антиалбански ставови.
-Именувањето на човек кој целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажување кон Албанците, претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјава. Посебно иронично и трагично е тоа што истиот овој поединец беше предмет на кривична пријава токму од партиите на Влен во Владата – а денес, со нивна поддршка, е награден со водечка функција, наведуваат од ДУИ
Коалицијата ВЛЕН, пак, вчера во реакција нагласи дека имаат изграден став за провокациите на лицето Петар Богојевски, кој неретко лавира во ставовите во зависност од личните очекувања, воедно до опозициската ДУИ, упатија прашање зошто не им пречеле неговите антиалбански ставови кога биле во официјална коалиција со Груевски и Мијалков, кога Богојевски бил државен советник во Министерството за одбрана.
-Прашањето е зошто ДУИ пред вака да се срами не го прашала Талат Џафери како Богојевски бил државен советник во Министерството за одбрана? Зошто на ДУИ не му пречеа неговите антиалбански ставови кога беа во официјална коалиција со Груевски и Мијалков? За разлика од ова изгубено опозициско раководство на ДУИ, ние не кукаме кога е тешко, туку се бориме системски да ги исправаме грешките. Со сите пречки со кои се соочуваме и со последиците од криминалниот режим на Ахмети, Груби, Османи и нивните послушници кои ги наследивме, ние ќе го реформираме системот и ќе изградиме одржливи решенија за Албанците, наведуваат од Коалиција Влен.
Од партијата Македонски концепт, чиј претседател е Богојевски, на обвинувањата на ДУИ одговорија со став дека „ДУИ напаѓа затоа што не сака политичари кои се борат за македонските интереси“.
-ДУИ сака политичари Македонци кои се спремни, за пари да тргуваат со националните интереси. Ние не сме такви. Тоа време помина!Македонски концепт констатира дека партијата ДУИ повторно покажува дека нејзината политичка агенда не е насочена кон соживот, реформи и европска интеграција, туку кон заштита на лични интереси и одбрана од промените кои доаѓаат, наведуваат од Македонски концепт.