Елена Ристеска за најголемата траума во детството: „Ќе ме киднапираа маж и жена, полицијата ги фати по ден-два во Велес“
- Детали
- среда, 16 април 2025
„Ми пријдоа маж и жена кои имаа околу 30 години и почнаа да ми зборуваат: ‘Еј, како си, имаме едно маче, сакаш ли да го побараме?’. Тргнав по нив, па кога ми понудија чоколадо, ми проработе алармот и почнав да бегам. Следниот ден кај нас дојде полиција, а јас им ги опишав“, се сеќава Елена на најголемата траума од детството, која ја раскажува на гостување во подкаст.
Пејачката Елена Ристеска беше гостинка во подкастот на Стефан Лазаров. Таму таа зборуваше на многу теми - своето детство и родителите, за тешките моменти и смртта на татко ѝ, за М2 - музичкото натпреварување кое ја лансираше нејзината кариера пред повеќе од 20 години.
Елена се отвори и за разводот од сопругот Бојан, но и за обидот за киднапирање што го имала како дете.
„Си имала непријатна ситуација во твоето детство, кога некои непознати лица се обиделе можеби и да те киднапираат“ - вели Лазаров.
На ова Елена му одговара:
„Не случајно зборував за тоа неодамна, бидејќи мојата мисија не е само да пеам и да забавувам, туку да пренесам искуство, можеби некого да го освестам.
Ми се случи една ситуација кога бев мала, можеби 4-то или 5-то одделение и ги чекав родителите за да појдеме некаде заедно, веројатно во шопинг, нешто да купиме. И паметам, седевме групно, можеби 40-50 деца во маало, во Ново Лисиче кај што сум израсната.
Се договаравме која игра ќе ја играме итн. и во еден момент јас малку се пододдалечив од нив, зашто ги чекав родителите да ме земат, па за да не ме бараат низ маало каде сум, ги почекав пред влезот.
Ми пријдоа двајца луѓе, не можам да проценам колку години имале, но мислам околу 30-тина. Машко и женско беа, а јас и ден денеска се сеќавам како изгледаа.
И почнаа да ми зборуваат: ‘Еј, како си, имаме едно маче, сакаш ли да го побараме?’. Мене животни ми се слабост, па веројатно желбата да го побараме мачето во другиот влез ме поведе да тргнам по нив.
Стигнуваме пред скалите на влезот и мажот ме праша како се викам. Му викам Елена. И тој продолжи: ‘Ние сега ќе јадеме чоколадо, ама немаме за сите деца’. Тоа го кажа кога виде дека се приближуваат други деца.
Одеднаш од маче се префрли на чоколадо. Колку и да сум била мала, веројатно тоа ме освестило, некој аларм дека нешто не е во ред - чекај, баравме маче, од каде сега чоколадо. Тука се сепнав и сфатив дека е слично на она што ми го зборувала мајка ми.
Таа беше посветена мајка и постојано зборуваше на тие теми: ако некој ти нуди чоколатце, бонбонче, немој да те залаже, дома имаме што ќе посакаш, постојат лоши луѓе, немој да мислиш дека светот е розов.
И сето ова што ми го зборувала ми се појави како една слика, како филм, буквално во 30 секунди.
Само сфатив дека ќе претстои нешто лошо, како дете не знаев што, веројатно обид за киднапирање, ден денес не знам што ќе ми направеа, и само избегав.
Јас трчав накај својот влез, и иако сум избегала спринт, јас имав чувство дека којзнае колку долго време трчам и бегам.
Во одреден момент ми се изгуби говорот, не можев да им кажам на своите родители. Тоа беше состојба на шок. Јас само застанав, сакав да им кажам што се случило ама не можев.
Ми даваа вода и шеќер, следеше момент кај што ми велеа ‘Елена кажи, кажи’, гледаат дека нешто ми се случува.
Она зборливо дете не може да зборне. Кога се потсмирив, низ плач им кажав што се случило, ги опишав мажот и жената до детали.
Жената имаше голема црна бенка над усната, тоа не ми излегува од глава.
Следниот ден кај нас дома дојдоа полицајци и почнаа да ме испитуваат.
Сè им раскажав и паметам, ми извадија фото-робот од дечкото, т.е цртеж нацртан рачно, јас само потврдив дека е тој.
Жената ја опишав, ама не направија фото-робот за неа. По еден-два дена, ги фатија и тоа во Велес.
Само знам дека беше трауматично и денес се прашувам што би било, замисли да не сум тука...“ - раскажува Елена во подкастот.
Таа откри и дека најголемите афери за неа ги измислиле луѓе со кои соработувала, а кои ѝ должеле пари, но не сакаше да спомнува имиња.
Погледнете го видеото - делот со киднапирањето почнува на 17:36:
А. Ј. | Црнобелo
Би можело да ве интересира:





