Македонија
За само четири часа, денес, во Скопје санкционирани над 240 возачи

Во периодот од 12.00 до 16.00 часот денес беше спроведена засилена сообраќајна контрола по Оперативната акција „Безбеден сообраќај“.
Притоа за време на сообраќајната контрола акцентот беше ставен на учесниците во сообраќајот кои управуваат мотоцикли и велосипеди со помошен мотор.
За време на контролата беа контролирани вкупно 1.020 возила, при што биле преземени мерки против 247 учесници во сообраќајот. За безобзирно возење по чл.297 А од кривичниот законик лишено е едно лице од слобода, за возење со брзина поголема од дозволената санкционирани се 53 возачи, 33 мерки за возење без возачка дозвола.
Изречени се 10 мерки за нерегистрирани возила, а санкционирани се и 62 возачи за управување мотоцикл без заштитна кацига, а изречени се 18 мерки за возачи кои управувале возило со несоодветна категорија, пет возачи возеле без возачка потврда, а санкциинирани се и 66 останати учесници во сообраќајот.
Привремено биле одземени три нерегистрирани возила, од кои два мотоцикли и едно патничко возило, а
привремено биле одземени под сомнение за техничка исправност две возила, од кои еден мотоцикл и едно патничко возило.
Акциските контроли во рамки на оперативната акција ќе продолжат и во наредниот период со засилен интензитет.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да придонесеме за побезбедни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.