Според древното предание на Христијаните во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.
Врбовите гранчињата се расфрлале низ храмот и им се раздавале на верните од страна на свештеникот во спомен на празникот Цветници, односно Христовото славно влегување во Ерусалим, смирено седнат на осле, а со разнобојните цвеќиња богато ги украсувале иконите и вратите на храмот. Некои од Христијаните си ги украсувале и своите домови за благослов од Бога, за родна година.
На празниците Лазарева сабота и Цветници доаѓало многу народ кои земале удел во светата Литургија и се причестувале со Светите Тајни Христови – Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, подготвувајќи се за големата и света Страдална седмица и за сесветлото Христово Воскресение.
Ве покануваме да бидете дел од празничната поворка, која и оваа година ќе се одржи во срцето на Скопје.
Поворката ќе започне во 12 ч., од Плоштад „Македонија“, а ќе биде проследена со традиционални пеења – каланди, изведени на традиционални инструменти од музичари, а отпеани од хористи и верен народ.
