ВИДЕО: Брера го шокира Пелистер во Битола и пак е во игра за опстанок!

Екипата на Пелистер непријатно ги изненади своите навивачи, затоа што на домашен терен загуби од последниот тим во македонскиот шампионат, Брера Струмица (1-2). Со овие три бода, струмичани го напуштија дното и пак се во игра за опстанок во прволигашкото друштво.

  • Извештај од натпреварот:

Захариевски мораше без Бошковски и Ѓуриќ во одбраната, па шанса им даде на младите Христијан Стојанвски и Стефан Ивановски. Во нападот Спиркоски и Керим беа поддршка за капитенот Мирко Ивановски. Панче Стојанов возврати со тимот кој играше во Купот против Вардар. Домаќините почнаа полетно и долго време диктираа темпо. Иако Брера парираше на средината од теренот во првиот половина час шанси имаше само домаќинот.

Најнапред се обиде од дистанца Стефан Ивановски, па со глава капитенот Ивановски, а индивидуално се обиде и Керим. По прекините секогаш опасен е и Александар Ристевски, па на двапати се закани и на овој дуел. Струмичано се ослободија од притисокот и подобро го завршија првиот дел. Откако Јовчевски со помош на дирекот спаси чист гол по ударот на Нзенгуе, од вториот обид Брера поведе. Капитенот Мартин Ѓорѓиевски прими топка на работ од казнениот простор, извонредно биеше со десната нога и топката од стативата заврши во мрежата на Андреј Јовчевски (0-1).

Во второто полувреме, Пелистер имаше можности да се врати во мечот. Но, не го најде патот до мрежата на голманот Славе Вргов. Казната за пропуштените можности на „зелените“ пристигна во 70. минута, кога Ричард Нзенгуе одлично се позиционира во казнениот простор, се сврти и шутираше крај неколку дефанзивци на битолчани во мрежата на Јовчевски (0-2). Во продолжението од мечот домашните имаа шанси да го ублажат поразот, ама Вргов не дозволи да се тресе неговата мрежа, се до финишот, кога со глава погоди Ивановски.

Пелистер е осми во ПМФЛ со 29 бода, а во последните пет кола има четири порази. Брера е деветта со 24 бода.