• сабота, 12 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Шефот на британската дипломатија Лами во посета на Косово

Шефот на британската дипломатија Лами во посета на Косово

Приштина, 2 април 2025 (МИА) - Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами се сретна во Приштина со косовскиот премиер Албин Курти, кој за време на средбата потсети дека Милан Радиочиќ треба да биде екстрадиран на Косово каде што ќе се соочи со правично судење за неговите постапки.

-Премиерот Курти го истакна фактот дека сè уште нема правда и одговорност за терористичкиот напад во Бањска, додека Милан Радоичиќ шета слободно и е заштитен од српскиот државен апарат, соопшти денеска косовската Влада.

Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за вооружениот напад во селото Бањска на северот на Косово, во кој загинаа еден косовски полицаец и тројца српски напаѓачи, додека останатите напаѓачи побегнаа во Србија, оставајќи ги зад себе автомобилите наполнети со оружје, муниција и експлозиви.

Но, во Србија не е покрената кривична постапка против Радочиќ, еден од поранешните лидери на Српската листа, сестринската партија на Српската напредна странка.

Косовските власти го окарактеризираа нападот како терористички и тоа беше најнасилниот инцидент откако Косово прогласи независност во 2008 година, продлабочувајќи ги тензиите во веќе заладените односи меѓу Приштина и Белград.

Лами е во официјална посета на Косово, како дел од неговата турнеја низ Западен Балкан, чија цел е зајакнување на соработката во борбата против нерегуларната имиграција и сериозниот организиран криминал.

Косовската министерка за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала-Шварц го информираше британскиот министер за надворешни работи за „безбедносните предизвици на Балканот, вклучително и дестабилизирачките акции на Србија и руското влијание, кои продолжуваат да ја загрозуваат регионалната стабилност“, соопшти косовското Министерство за надворешни работи.

По посетата на Косово, Лами заминува за Србија, каде треба да биде потпишан нов договор за соработка во борбата против криминалните групи во центарот на кризата со илегалната миграција и обезбедувањето на границите на Обединетото Кралство.

Во Лондон оваа есен ќе биде организирана средба на лидерите од Западен Балкан во рамки на самитот во Берлинскиот процес, кој меѓу другото, има за цел да ја поддржи стабилноста, безбедноста и економската соработка меѓу земјите од регионот. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан