Јавното обвинителство презема дејствија во предистражана постапка со цел да се испита дали има евентуална кривична одговорност при загадувањето на Крива Река од рудникот „Тораница“ чиј концесионер е фирмата „Булмак 2016“ ДООЕЛ Пробиштип..
Обвинителите од Основното Јавно Обвинителство Куманово имале средба со државните инспректори кои постапувале по пријавата за истекување во „Тораница“ и за нивните активности на лице место, по што обвинителството ќе продолжи да презема дејствија и ќе издаде наредби за вештачење и анализа на земените примероци од водата. Од исходот на преземените мерки ќе зависи натамошниот тек на истрагата, велат од ОЈО.
Иако градоначалникот на Крива Паланка најави дека ќе бара кривична одговорност, од обвинителството велат дека до овој момент нема поднесено кривична пријава, а доколку во меѓувреме тоа се случи, ќе биде додадена во предметот.
Покрај обвинувања за „Булмак“, обвинувања од градоначалникот и еколошките здруженија стигнаа и на адреса на инспекторите кои излегле на терен, а според тврдењата, не постапиле соодветно. Иницијативата „О2“ ја обвини директорката на државниот инспекторат Ивана Гиновска за лажни вести во јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води без да изврши анализа, но таа ги отфрла обвинувањата и вели дека во соопштението стои дека е пукнат цевковод за технолошка вода и дека тој цевковод ги зафаќа јамските води, како и дека истиот ден дала вонреден налог и инспектори веднаш излегле на терен, а случајот не го криеле.
Во истото решение е наведено дека за овој инцидент, а согласно условите утрврдени во А-интегрираната еколошка дозвола, субјектот бил должен да состави записник во кој треба да ги вклучи деталите за природата, обемот и влијанието на инцидентот со кој ќе се минимизира ефектот врз животната средина и да се избегне повторно случување на истото, одговорните лица изјавија дека не е составен записник од инцидентот и нема соодветна документација.
Градоначалникот Сашко Митовски твредеше дека Крива Река е загадена со олово и цијанид, по хаваријата во рудникот „Тораница“ на 14 март, откако пукнала цевка и рече дека ќе бара кривична одговорност од одговорните.
Концесионерот на „Тораница“, фирмата „Булмак 2016“ ДООЕЛ-Пробиштип пред четири години има платено 90.000 евра казна, а исто толку и пред три години, а сега за прекршочна одговорност може да добие парична казна во висина од 180 до 200.000 евра. Од рудникот, пак, одговори најавија во текот на утрешниот ден.
Симона Петровска