• Горан Упале
Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, по ремито со Брентфорд изјави дека неговиот тим заостанува сè подалеку во трката за титулата во Премиер лигата.
„Денес сакавме да ги зголемиме шансите во битката за трофејот во Премиер лигата. Со овој резултат, тоа е малку веројатно“, рече Артета.
Арсенал одигра нерешено 1-1 против Брентфорд на домашен терен и, по второто последователно реми во лигата, заостанува десет бода зад водечкиот Ливерпул, со одигран еден натпревар повеќе.
„Разочарани сме од резултатот. Имавме целосна контрола врз натпреварот, но примивме многу глупав гол. Не бевме доволно добри и кога не го правите она што треба против ваков тим, примате гол. Не знам, атмосферата беше поинаква во споредба со вторникот, тоа е сигурно“, рече Артета.
Неговиот тим во вторникот во Лондон беше убедлив против Реал Мадрид и победи со 3-0 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите.