• Саше Љолес
Карлос Алкараз со победа го започна АТП турнирот во Барселона и се пласираше во осминафиналето, а по мечот со Американецот Итан Квин, се осврна на неодамна освоениот трофеј во Монте Карло и рече дека конкуренцијата на самиот врв се зголемува.
Младиот шпанец смета дека следните неколку години ќе бидат многу возбудливи за светскиот тенис, затоа што има неколку играчи што се скоро на исто ниво и меѓу нив секогаш ќе има возбудливи дуели.
„Мислам дека заврши доминацијата на еден или двајца играчи или на таканаречената „стара школа“. Сега нештата се менуваат, гледам дека во Топ-10 има барем 6-7 играчи што се скоро на исто ниво. Нормално е кај секој да има подеми и падови, но квалитетот кај сите нив е неспорен.
Следните години очекувам да донесат голема возбуда за навивачите, ќе има многу неизвесни дуели на сите големи турнири. Јас сум фокусиран да ја задржам оваа форма, но и да се подобрам. Сакам да се вратам на првото место на АТП листата, иако знам дека тоа нема да биде лесно“, изјави Алкараз.
Со освоениот трофеј во Монте Карло, Алкараз се врати на второто место во светскиот тениски поредок. Прв е Италијанецот Јаник Синер, кој одлежува суспензија поради минатогодишниот допинг-скандал.