Осимен најверојатно ќе се пресели во Саудиска Арабија
- Виктор Осимен, фудбалерот на Наполи кој е позајмен во Галатасарај, би можел да замине во Саудиска Арабија во текот на летниот преоден рок.

Истанбул, 3 април 2025 (МИА) - Виктор Осимен, фудбалерот на Наполи кој е позајмен во Галатасарај, би можел да замине во Саудиска Арабија во текот на летниот преоден рок.
Нигериецот беше клучна фигура во освојувањето на титулата на неаполитанците во 2023 година, но потоа се судри со управата на клубот поради неговата желба да си замине. Минатото лето не беше во плановите на новодојдениот тренер Антонио Конте, а по неколку неуспешни обиди да биде продаден, заврши во Галатасарај.
Во дресот на турскиот гигант игра на препознатливо високо ниво и постигна 20 гола на 23 натпревари во првенството, со уште шест на седум натпревари во Лига Европа, како и два гола на два меча во Купот на Турција.
– Се чини дека меѓу клубовите од Премиер лигата постои консензус дека Виктор Осимен најверојатно ќе заврши во Саудиска Арабија во текот на летото, пишува „Атлетик“.
Оваа информација е изненадување со оглед на тоа што нигерискиот напаѓач беше поврзуван со голем број клубови во Европа. Најинтензивни се шпекулациите за Манчестер Јунајтед, Арсенал и Челси, а медиумите на Стариот континент тврдат дека во текот на летото ќе има откупна клаузула од околу 65 милиони евра. дс
Фото: Архива