Финансии / Банкарство

ХРВАТИТЕ МАСОВНО КУПУВААТ ИНВЕСТИЦИСКО ЗЛАТО

04.04.2025

Хрватските граѓани лани купиле инвестициско злато во вредност од околу 350 милиони евра, а годинава таа сума би можела да надмине половина милијарда евра, беше објавено во четвртокот на третата меѓународна конференција „Кроголд“.

Овие податоци се однесуваат на златото што граѓаните физички го поседуваат, главно во форма на шипки и златници, објаснува Саша Ивановиќ, директор на Gold Center, компанија која се занимава со купување и продажба на инвестициско злато, пренесува Пословни.хр.

Според него, и покрај зголемувањето на продажбата на злато во Хрватска во форма на инвестиција, се уште не е како во остатокот од Европската Унија и другите развиени земји.

Во првиот квартал од годинава прометот на злато во Хрватска порасна за околу 70 отсто, додека во светот тој беше околу 50 отсто.

- Во Хрватска секогаш расте малку повеќе бидејќи е прилично „млад“ пазар и луѓето се навикнуваат да купуваати да штедат во злато, вели Ивановиќ.

Хрватските граѓани генерално го сметаат купувањето злато како долгорочна инвестиција и на тој начин првенствено сакаат да ја зачуваат вредноста на парите, а во помала мера се мотивирани од заработката.

Сегашната цена на златото е рекордна и надминува 3.100 американски долари за унца.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО