СДСМ и ДУИ бараат формирање на комисии
27 март 2025Парламентарната група на Европскиот Фронт бара формирање на посебна парламентарна комисија која ќе го истражи начинот на којшто се води истрагата за трагедијата во Кочани. Партијата смета дека има „селективен и едностран пристап на правосудниот систем“ во истрагата на пожарот, во кој загинаа 59 млади луѓе.
Според ДУИ, комисијата треба да се формира веднаш и во неа да бидат вклучени претставници на ОБСЕ и од амбасадите на САД, ЕУ и земјите-членки на Европската Унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес.
„Селективната правда создаде ситуација без преседан, која ги загрозува темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите“, велат од партијата. Неодговорноста или политизацијата на правдата за тесно партиски цели, според ДУИ, не ги загрозува само основните права на граѓаните, туку и демократската стабилност и европската перспектива на земјата.
Парламентарната група на Европскиот Фронт ќе поднесе официјална иницијатива за ова прашање и очекува Собранието на Северна Македонија да дејствува со максимална одговорности сериозност за да обезбеди независна, веродостојна и инклузивно истрага.
Ваквата иницијатива следи откако албанската опозиција со денови наназад реагира на одлуката на Јавното обвинителство да му изрече 30 дена притвор на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши и други претставници на претходната влада. Тие испратија порака дека ќе соработуваат со секоја објективна и независна истрага, но дека нема да престанат да бараат јасни одговори на очигледните прашања и да замолчуваат пред политичкиот прогон.
„Во држава каде што целото општество е во тага, премиерот на јавна сцена демонстрира вулгарни закани, влечење за уши и нарачува апсења пред камера. Не за да донесе правда, туку за да ја прикрие вистината. Не за да ѝ помогне на истрагата за тоа кој дозволил, туку за тој лично да ја води истрагата, но по политичка линија. А, сѐ појасно станува дека под површината – сите институции молчеле цела година, иако знаеле што се случува“, порачаа деновиве од ДУИ.
Одговарајќи на ваквите обвинувања, премиерот Христијан Мицкоски изрази жалење што ДУИ наместо да изразат сочувство и да се вклучат во истрагата, се обиделе овој случај да го политизираат и етнизираат.
Неселективна правда и одговорност
Неселективна правда и одговорност за трагедијата во Кочани бараат и од опозициската СДСМ. На седница на Централниот одбор, партијата расправаше за актуелните состојби во земјата по најтешката трагедија којашто ја погоди Македонија и во која згаснаа 59 животи. Најавија дека ќе ги искористат сите институционални и демократски механизми, вклучително и во македонското Собрание, преку Анкетна комисија во соодветен момент, за утврдување на фактите, но и политичката одговорност за трагедијата којашто се случи во Кочани.
Со едноминутно молчење членовите на највисокиот орган на СДСМ во средата (26.03) оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани и изразија сочувство со болката и тагата на нивните семејства.
Заклучок на Централниот одбор на СДСМ е дека досегашниот тек на истрагата покажува дека се води селективно и е насочена само кон минатото, само кон поранешни функционери и службеници додека воопшто не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата.
„Селективноста не е правда, туку неправда, и ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите и во правосудството. Имајќи ја предвид сериозноста на трагедијата и тешките последници со огромен број жртви и повредени, недозволиво е да води истргата на селективен начин“, велат од партијата.
СДСМ инсистира на неселективна, независна и темелна истрага во која сите ќе одговараат согласно законите. Најавуваат дека ќе се спротивстават на каква било селективност, штитење на актуелни функционери и на поединци блиски до власта. „Пред законот сите мора да бидат еднакви“, децидни се од опозициската партија.
Во трагедијата којашто се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица на возраст од 16 до 48 години, а беа повредени над 190 пациенти, од кои дел веќе ги напуштија домашните болници и заминаа на домашно лекување.
Полицијата и обвинителството деновиве ја проширија истрагата по пожарот во дискотеката.
Во текот на истрагата предвиден е распит на повеќе од 300 сведоци, како и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области. Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од Штип и Кочани.