Трампoвската револуција и Европа

14.03.2025 00:45
Трампoвската револуција и Европа

Слушајќи го обраќањето на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, во Минхен и гледајќи ги резултатите од германските парламентарни избори кои се одржаа потоа, се присетив на Источен Берлин во 1989-тата година и колапсот на комунистичките режими во Источна Европа. Во последните недели од советската империја во тој дел на Европа, реформскиот советски лидер Михаил Горбачов им порача на своите закоравени источногермански другари дека ризикуваат да бидат на погрешната страна на историјата и дека „негирањето на реалноста е опасно“. Венс одржа сличен говор во кој им порача на Европејците дека се на погрешната страна на претседателот Доналд Трамп. Но таа порака не го даде очекуваниот ефект.

Се покажа дека од објавите на Илон Маск на социјалните мрежи и од предупредувањето на Венс најмногу корист имаше германската радикално левичарска партија Die Linke, а не радикално десничарската Алтернатива за Германија. Друг неочекуван резултат беше тоа што Фридрих Мерц, веројатно следниот германски канцелар, преку ноќ од старомоден атлантист стана европски деголовец. По гласањето, Мерц изјави дека е подготвен да се бори за независноста на Европа од САД.

Трамповската револуција веќе ја измени природата на европската политика. За помалку од два месеци од почетокот на мандатот на новата администрација на Белата куќа, европската политичка сцена се трансформираше во бојно поле помеѓу сојузниците на Трамп и либералните националисти кои се спротивставуваат на неговото „малтретирање“. Сега радикалната десница треба некако да ја оправда одлуката на Трамп за воведување царини за Европа, од заканувачките 25 проценти1, и да ги убеди Европејците да го следат Вашингтон во надворешната политика. Спротивно на тоа, мејнстрим партиите се позиционираат како бранители на националниот суверенитет и се надеваат дека ќе ја мобилизираат поддршката повикувајќи се на националните интереси и националното достоинство.

Конференцијата во Минхен исто така стави точка на бурната дебата за тоа дали Трамп треба да се сфати сериозно (односно не буквално) или буквално (односно не сериозно). Сега знаеме дека треба да се сфати и сериозно и буквално. Како што соодветно забележа претседателот на Русија, Владимир Путин, Трамп „не само што го кажува тоа што го мисли, туку и тоа што го сака“. Неговите изјави за преземање на Гренланд или Панамскиот канал во себе содржат намера тоа и да го направи. Претседателот на САД е уверен дека е американски стратешки интерес Канада да стане 51-та американска држава. Тој верува дека може да ја оддели Русија од Кина и тврди дека „длабоката држава“ го спречила да го постигне тоа во неговиот прв мандат.

Во тој контекст, Европејците губат драгоцено време обидувајќи се да го разберат Трамповиот план за Украина и жалејќи што не се на преговарачката маса.

За да се разбере Трамп, пред сè е потребно да се признае дека во Вашингтон е на власт револуционерна влада, иако организирана како империјален двор. Револуциите никогаш немаат детален план. Тие се развиваат според принципот на препознавање на вистинскиот момент, а не по однапред планирани чекори. Нејасно е што точно сака Трамп во преговорите со Путин, но јасно е дека станува збор за нешто големо и дека тоа сака да го постигне многу брзо.

Она што Трамп му го нуди на Путин не е само крај на војната во Украина под услови кои се главно поволни за Москва. Тој му нуди голема зделка за прекројување на светот. Тоа вклучува американско присуство во Европа, како и на Блискиот Исток и Арктикот. Трамп му ветува на Путин дека Русија ќе биде забрзано реинтегрирана во глобалната економија и дека Москва ќе го поврати статусот на голема сила што го загуби во понижувачките деведесетти. Трамп се надева дека тоа ќе ја убеди Русија да го раскине сојузот со Кина. Одбивањето на САД во ОН да ја осудат руската агресија во Украина шокираше дури и некои од обожавателите на Трамп. Меѓутоа, овој потег требаше да го убеди Кремљ дека американскиот лидер е подготвен да направи незамисливото – и да го реконфигурира светот како што го обликуваа Роналд Реган и Горбачов во доцните осумдесетти.

Посебно прашање е што ќе се случи со револуционерните соништа на Трамп. Гледаме една од ирониите на историјата во реакцијата на Русија на понудата на Трамп за прекројување на светската мапа – нејзиниот воздржан ентузијазам потсетува на внимателната реакција на САД кон Горбачов пред речиси 40 години. Она што денес го кажува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не се разликува многу од она што го рече тогашниот министер за одбрана на САД, Дик Чејни во 1989-тата година: „Не треба да се коцкаме со безбедноста на земјата за нешто што би можело да се покаже како привремено отстапување од вообичаеното однесување на нашиот најголем противник.“

Џорџ Орвел еднаш забележа дека „сите револуции се неуспешни, но секоја на свој начин“. Не знаеме каков неуспех ќе претрпи трамповската револуција. Но, историјата нè учи дека најдобрата стратегија не е отпорот кон револуционерите, туку преземање на револуцијата. Успехот на Европа нема да зависи од нејзиното спротивставување, туку од нејзината способност да изненади со своите потези. Дали таа ќе знае да го искористи своето отсуство на американско-руската преговарачка маса? Дали на Трамп треба да му се препушти големиот мировен план за Украина и неговата имплементација?

Во оваа егзистенцијална криза, особено се издвојува еден ресурс на послабата страна: политичката имагинација.

1. Во меѓувреме, Трамп на 12-ти март воведе царини од 25 проценти на увозот на челик и алуминиум. Европската Унија, вториот најголем извозник на овие ресурси во САД, најави контрамерки.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.ft.com/

ОкоБоли главаВицФото