Македонија
Илиевски: Нов скандал во министерството на Андоновски, тендер добиле родители на негов вработен

По објавувањето на скандалот за судир на интереси во Министерството на Стефан Андоновски, каде тендер доби сопругот на Државната секретарка, ДКСК отвори предмет. Граѓаните сеуште чекаат да постапи Јавното обвинителство за случајот, за истиот да добие разрешница. Додека целата јавност беше во тага и болка за несреќата во Кочани, каде што загинаа 59 млади луѓе а речиси 200 беа повредени, на само три дена по трагичниот настан Андоновски побара извинување од СДСМ, изјави Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
– Шокантно е што барањето за извинување пристигна на 19 март на самиот ден на погребот на загинатите од несреќата кога целата нацијата беше во шок. Тоа го покажува степенот на загриженоста на министерот за трагичниот настан. СДСМ е одговорна партија која се бори секогаш да излезе вистината на виделина, и да зборува во насока на заштита на јавниот интерес пред се!
Токму затоа, наместо извинување До Министерот Андоновски, денес ќе објавиме индиции за уште еден скандал. Се работи за тендер од 600.000 денари за набавка на систем за контрола на пристап, добиен од фирмата „БОКИ СИМПЛ ТЕК СОЛУШНС“ ДОО Скопје. Според информации од свиркачи кои ги добивме, сопственици на оваа фирма се родителите на Борче Младеновски, инаку вработен во ИТ секторот на истото министерство. Го повикуваме Андоновски да излезе и да одговори дали е ова точно?
Дали тендерот тежок 600.000 денари завршил кај родителите на вработен во министерството? Индикативен е називот на меилот кој правното лице го има дадено во доставената документација за контакт со министерството кој гласи borce002@gmail.com. СДСМ се обиде го најде список на вработени во Министерството за дигитална трансформација, но на сајтот на министерството тој податок не е достапен, таму стои дека сеуште тој документ е во изработка.
Дали на повидок е уште еден скандал на непотизам и конфликт на интереси во министерството на Андоновски? Селективноста и селективната правда е потребна за сите други случаи на власта кои ги прави, а не само за трагедијата во Кочани. Институциите не смеат да молчат за тендерските мрежи на ДПМНЕ бидејќи станува збор за пари на граѓаните, рече Илиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.
Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 33 години постоење

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши годинава ја одбележува 33-годишната посветеност на заштитата на детските права, постојаната и активната улога во градењето мир и меѓусебно разбирање.
По тој повод, Меѓаши најави промоција на повеќе значајни активности и материјали и тоа нова веб-страница (https://www.childrensembassy.org.mk/pocetna.nspx) и документарен филм: ,,30 години Меѓаши” – Документирано сведоштво за развојот, достигнувањата и влијанието на Меѓаши низ годините“.
Исто така, достапни се уште два кратки видео-прилози поврзани со историјата и работата на организацијата „Како започна приказната на Меѓаши“ и „Како Меѓаши влијаеше на општеството“.
Објавена е и монографија „30 години Меѓаши” – Публикација која ја отсликува историјата на организацијата, активностите и резултатите во изминатите три децении.
„Преку овие промотивни материјали, Детската амбасада Меѓаши не само што го документира своето повеќедецениско активно дејствување, туку и ја засилува својата мисија за поттикнување на одговорноста, едукација и активирање на пошироката јавност во поддршката на децата, воедно потсетувајќи на важноста од мировното образование и градење култура на мирот од најмала возраст“, соопштија од таму.
Македонија
Утре сончево време, следува период на потопло време

Времето утре ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Утре и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.