Велика Британија денеска предупредува дека Русија може да ги искористи тензиите во Западен Балкан и со тоа да го зајакне своето влијание во регионот, кој долго време чека влез во Европската Унија.
Високи британски функционери го опишуваат Западен Балкан како „другата жешка точка“, иако вниманието на Европа е свртено кон Украина.
„Во овој момент, со војната во Европа и гледајќи ја долгата рака на руското мешање, би биле будала ако го тргнете погледот од Западен Балкан, каде што сè уште има наследени прашања што допрва треба да се надминат. Интересот на Путин е да го одржи регионот дестабилизиран. Во негов интерес е да ги држи во неизвесност земјите кои го сочинуваат Западен Балкан, да има дестабилизирано население и да води сајбер и хибридна војна“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами за „Политико“.
Процесот се одвива бавно, иако сите шест држави сакаат да станат членки на ЕУ. Истите се соочуваат со значајни предизвици па така, Босна и Херцеговина е доведена во криза бидејќи Милорад Додик избегнува апсење поради неговата сепаратистичка политика. Србија се соочува со повеќемесечни антивладини протести и го обвинува Косово за репресија на тамошното српско малцинство, додека Косово ја обвинува Србија за насилство на нејзината територија.
Според експертите за надворешна политика, се стравува дека Кремљ ќе се обиде да ги искористи длабоките етнички и религиозни тензии за да предизвика дополнителни немири низ Балканот и да ги зацврсти сопствените интереси.
„Во моментов Западен Балкан мора да се движи напред или ќе продолжи да биде игралиште на Русија“, рече британски функционер.