Бизнис
Андоноски: Потребно е да се посвети поголемо внимание на квалитетот на образованието
Метална и електроиндустрија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.
Игор Андоноски, член на УО на Здружението на металната индустрија и електроиндустријата, директор на Сектор Човечки ресурси, Вабтек МЗТ АД Скопје
Недостатокот на квалификувана работна сила, кој веќе со години постои како проблем во нашава држава, може да има сериозни последици не само по развојот туку и по одржливоста на бизнисот. Металната индустрија и работата со прецизни машини не е нешто со кое може да се импровизира, па оттука и силната потреба од соодветно квалификувани луѓе.
Потребно е не само идентификување на проблемот туку и конкретни решенија и отвореност за прифаќање на решенијата од страна на сите засегнати страни.
Емиграцијата, односно одливот на работоспособното население е во постојан раст, бројот на новозапишани ученици е во постојано опаѓање. Ова бара итен сериозен пристап бидејќи последиците кои ќе ги почувствува на долг рок не само металната индустрија туку и целиот приватен сектор можат да бидат погубни за бизнисот.
Потребно е да се посвети поголемо внимание на квалитетот на образованието, на кариерните советувања во училиштата и оживување на воспитната функција од воспитно-образовниот систем за да се создадат не само квалификувани туку и квалитетни кадри, и тоа на долг рок. Од друга страна, компаниите потребно е да вложат многу повеќе во своите вработени од аспект на грижа за нивната благосостојба за да се создаде попријатна средина која ќе ги мотивира луѓето (особено младите) да не се иселуваат.
Празнината која е создадена на пазарот на труд е толку голема што потребно е да одговориме на емиграцијата со имиграција. Мора да бидеме поотворени, односно да ги релаксираме процедурите за увоз на работна сила и да ги ослободиме од канџите на бирократијата со елиминирање на субјективноста и на непредвидливоста на постапката, без притоа да го нарушиме безбедносниот аспект. Целта на ваквиот чекор не е да се дестабилизира домашниот пазар на труд. Напротив, да се отворат повеќе можности за споделување на знаења, за зголемување на продуктивноста и на ефикасноста во работните процеси, а самото тоа ќе доведе и до раст и развој во сите сфери.