
Соединетите држави не планираат „одненадеж“ да се повлечат од европскиот континент и остануваат целосно посветени на Северноатлантската алијанса, изјави во четвртокот генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Не се очекува дека тие одеднаш ќе го намалат своето присуство во Европа“, изјави тој за новинарите непосредно пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
Руте, сепак, призна дека вниманието на Америка сега се префрла на Кина и другите земји и дека Европа мора да се подготви за тоа.
САД долго време бараат европските земји од НАТО и Канада да трошат повеќе за својата одбрана. Руте ги поздрави напорите што веќе беа направени во изминатите неколку години, но потсети и дека треба да се направи повеќе.
Овој напор е „веројатно најголемото зголемување на трошоците за одбрана од европските земји на НАТО од крајот на Студената војна. Но, сè уште ни треба повеќе“, нагласи тој.