Откако Европскиот суд за човекови права пресуди против Швајцарија за недоволни мерки за климатска акција, Советот на Европа сега бара конкретни чекори. Владата во Берн има рок до септември да докаже дека ја почитува одлуката на судот, пренесува „Balkan Geeen Energy News“.
Во 2020 година, швајцарското здружение Постари жени за заштита на климата (KlimaSeniorinnen Schweiz) поднесе тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, тврдејќи дека нејзиното недејствување го загрозува нивното здравје и ги загрозува нивните животи за време на топлотните бранови.
Оваа група, која брои околу две илјади членови со просечна возраст од 73 години, тврди дека особено се загрозени правата на постарите жени, бидејќи тие се најпогодени од екстремните горештини кои ќе зачестат поради глобалното затоплување.
На 8-ми април минатата година, Судот донесе далекусежна пресуда, заклучувајќи дека Швајцарија ги прекршила човековите права на своите граѓани со тоа што не преземала доволно амбициозни мерки за борба против климатските промени. Во образложението се наведува дека неуспехот на владата да ги намали емисиите на стакленички гасови претставува кршење на Европската конвенција за човекови права. Одлуката се смета за историска, бидејќи е прва за климатски прашања и со тоа претставува правен преседан за сите 46 земји-членки на Советот на Европа.