Каде потфрли безбедносниот систем?! – Oва прашање беше клучно на денешните опозициски прашања. Одговорност за трагедијата во Кочани, од највисоко до најниско ниво – повикуваат дел од пратениците.
Миле Талевски од СДСМ нотираше пропусти кај органите на прогонот. Вели, полицијата немала оперативни сознанија и План за проценка на ризик, при таков настан со повеќе луѓе меѓу кои и малолетници.
Пратеници од Европскиот фронт прашаа – како кабарето „Пулс“ функционирало без лиценци, зошто немало редовни инспекции и кој дозволувал така да врви бизнисот?!
Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пратениците од СДСМ се обидуваат да манипулираат со гневната јавност. Ги отфрли и обвинувањата на ДУИ за селективна правда.
„Механизмите за контрола под надлежност на МВР покажуваат алармантни пропусти непосредно пред и за време на кобниот настан, на Бирото за јавна безбедност, на ОВР Кочани и на Секторот за внатрешни работи од Штип“, кажа Миле Талевски од СДСМ.
„34 физички лица, 3 правни лица – досега! Истрагата е во тек. Ќе видиме колку ќе бидат откога ќе се преземат сите процесни дејствија од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи“, одговори Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
„Можеби овој случај не е ништо повеќе од една политичка игра“, вели Блерим Беџети од ДУИ.
Пред седницата во Собрание, министерот за внатрешни работи одгавараше и на прашањата на медиумите, за текот на истрагата. На прашања на Телма, зошто не е постапувано по полициска проблемска информација од ноември 2022 година, со која се барало одземање на лиценцата на кабарето „Пулс“, Тошковски одговара дека и тоа ќе биде проверено.
Кажа дека се истражуваат и актуелни началници и полицајци за потенцијална одговорност за трагичниот пожар, но истрагата е во рацете на обвинителството.
„Истрагата е во тек, секој еден којшто без оглед дали сторил или не сторил одредено дејствие врз основа на коешто ќе може да се извади причинско-последична врска со предметниот кривично-правен настан, за разлика од претходно – сега ќе одговара.
– Зошто никој не постапувал по таа проблемска информација, како што објавивме пред неколку дена во КОД?
Ќе го утврдиме и тоа“, вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Од Социјалдемократскиот сојуз денеска побараа Тошковски да си поднесе оставка како морален чин за пожарот во Кочани.
А, вчера лидерот на опозицијата Филипче оцени дека досега се води селективна истрага и кажа дека ако продолжи тоа така, ќе бараат Анкетна комисија за трагедијата.
Петар Догов