Економија
ПОЛОВИНА МИЛИОН МЛАДИ БРИТАНЦИ НИКОГАШ НЕ РАБОТЕЛЕ
06.04.2025
Повеќе од половина милион млади луѓе во Велика Британија кои не се на работа или образование никогаш немале работа, покажа истражувањето на Институтот за образование и работа.
Истражувањата покажуваат дека мнозинството млади луѓе на возраст меѓу 16 и 24 години, кои не се во образование, вработување или обука (NEET), не бараат работа, а како главна причина ја наведуваат болеста, пишува британски Тајмс.
Речиси половина од нив се надвор од пазарот на трудот или образовните институции повеќе од една година.
Деталната анализа покажа дека само мал број од овие невработени лица бара работа. Околу 59 отсто од нив тврдат дека не се достапни за работа, а 27 отсто како причина ја наведуваат болеста. Тој број е двојно зголемен во последната деценија.
Извршниот директор на Институтот за образование и работа, Стивен Еванс, рече дека ситуацијата е навистина загрижувачка.
Тој изјави дека не е изненадувачки за 16-годишниците, но шокантно е што луѓето кои влегуваат во дваесеттите се уште никогаш немале вистинска работа и дека тоа ќе има долгорочни последици за нивните кариери доколку нешто не се преземе веднаш.
Со оглед на податоците, секретарката за работа и пензии Лиз Кендал планира да воведе гаранција за млади за лицата на возраст од 18 до 21 година, со што градоначалниците и локалните власти ќе бидат одговорни за обезбедување работа или обука за оваа група на граѓани, пренесува Бизнис.рс.
фото freepic