• Иван Димовски

Фудбалерите на Силекс забележаа многу голема победа над Вардар (1-0), со која по осумнаесет кола се есенски првак во ПМФЛ. Натпреварот на „Градскиот стадион“ во Кратово го реши единствениот гол на Кристијан Ефтимов, а го одбележаа и двете исклучувања на Донов и Ѓуриќ.
На кратовското сонце екипите отворија добро и делуваа заинтересирани за погодоци. Вардарци на почетокот имаа две закани преку Азер Омерагиќ, во едната ситуација бараа најстрога казна, а во другата реагираше голманот Џеков. На спротивната страна за Силекс шанса имаше Додев, но биеше лошо од слободен удар од добра позиција.
Резултатот беше отворен во 28. минута со голот на Кристијан Ефтимов. Фудбалерот на Силекс изненадувачки биеше откосо и од околу триесет метри, а тоа ги изненади сите, најмногу голманот Филип Гачевски, кој остана на прва статива и прими релативно лесен гол. Сепак, кратовчани бргу од радост стигнаа до гнев, бидејќи веќе во 30. минута останаа со десетмина. Илија Донов беше многу невнимателен, тргна со лизгачки старт на топка, а на спротивната страна беше Ненад Мишковски кој доби удар во пределот на градите. Судијата Стојанче Трпчевски беше во непосредна близина и го санкционира Донов со црвен картон.
Во продолжението по само пет минути игра силите на теренот се израмнија. Добро проби Дарко Додев и трчаше кон голот на Вардар, а Дејан Ѓуриќ како последен играч стартуваше од зад грб со лизгачки старт и си заработи исклучување. Силекс имаше две големи шанси да ја удвои предноста. Првата преку Алиќ кој убаво биеше, а Гачевски атрактивно одбрани. Втората пак дојде преку Додев, откако крилото истрча сам пред голот, но откосо биеше крај подалечната статива. Се наметна Вардар по шансите на кратовчани и се обиде да стигне до израмнување. Имаа гостите неколку полушанси, меѓутоа не успеа да го пронајде патот до мрежата. Силекс имаше голема шанса по контра, но Игњатов не успеа да реализира.
Со оваа победа Силекс се искачи на првото место, иако е израмнет со Шкендија и Работнички на по 37 бода. Кратовчани имаат најдобра гол-разлика и поради тоа се есекнски шампион. Вардар ќе презими со 13 бода на претпоследното место, само со бод повеќе од „фенерџијата“ Воска Спорт.