Општество

Светски ден за подигање на свеста за аутизмот

02.04.2025

Втори април - Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот е ден посветен на подигање на свеста, поттикнување, разбирање, прифаќање и чествување на животите и придонесите на лицата со АСН. Денес, ние ја осветлуваме убавината на различноста, важноста на прифаќањето и моќта на вклучувањето во општеството, наведува во писмената изјава претседателот на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), Владимир Трајковски.

- Аутистичниот спектар на нарушување е невроразвојна состојба што влијае на тоа како поединците го перцепираат светот и како комуницираат со другите. Се проценува дека 1 од 32 луѓе во САД се во спектарот - бројка што нагласува како аутизмот е суштински дел од нашата глобална заедница. Аутизмот не е нешто што треба да се „поправа“ или „излечи“, туку, тоа е поинаков начин на доживување на светот - доказ за богатството на човековата различност, нагласува Трајковски.

 Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот не е само подигање на свеста, туку се работи за нивно прифаќање и силно општествено дејствување.

- Предолго, стереотипите и недоразбирањата ги обликуваа наративите околу аутизмот, создавајќи бариери за поединците од спектарот. Денеска и секој ден, мора да се посветиме на рушење на овие бариери. Станува збор за препознавање на уникатните способности, таленти и перспективи, што луѓето со аутизам ги носат со себе. Ние сме инспирирани од поединци со АСН кои се истакнуваат во нивните определби - без разлика дали се во академската заедница, уметностите, технологијата или како првенци во застапувањето и претприемништвото. Овие лица нè потсетуваат дека аутизмот не е ограничување, туку тоа е спектар на неограничен потенцијал. Нивните успеси се доказ за тоа што може да се постигне кога има разбирање, можности и поддршка, истакнува Трајковски.

Многу семејства се соочуваат со пречки при навигација во образовните системи, пристап до здравствена заштита и пронаоѓање инклузивни работни места. Аутизмот не е состојба што одговара на сите. Потребите на поединците многу варираат, а нашите системи мора да го одразуваат тоа, со што ќе бидат прилагодливи, инклузивни и сочувствителни, додава претседателот на МНЗА.

- Градењето на навистина инклузивно општество бара сите нас - доктори по медицина, специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, социјални работници, креатори на политики, работодавци, здравствени работници и другите членови на заедницата, да работиме заедно. Родителите и старателите неуморно се залагаат за своите најблиски. Наставниците и терапевтите со својата посветеност им помагаат на учениците со аутизам да го откријат својот потенцијал. Работодавците кои го ценат невродиверзитетот даваат пример на другите, создавајќи средини каде секој може да напредува. Но, вклученоста не застанува на училиштата или на работните места. Започнува во нашите домови, населби и пошироки општествени кругови. Треба да обезбедиме дека секој поединец, без оглед на неговите способности, треба да има чувство на припадност и почит од страна на заедницата. Вклучувањето значи препознавање на вредноста на различните перспективи и нивно прифаќање како силни страни, истакнува Трајковски.


Извор МИА

фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО