Ви ја претпоставуваме новата верзија на нашиот Панграм проверувач 2.0. Панграм е реченица што ги содржи сите букви на азбуката, a во вистински панграм секоја буква се појавува само еднаш. Финтата е реченицата да има логичка смисла.
На оваа тема сме пишувале неколку пати. Како прво, констатиравме дека вистински панграм на македонски не постои. Прашање е и дали може да постои. И покрај сите напори на Окно.мк и стотици напишани на македонски јазик, Живко Гроздановски е се уште автор на најкраткиот панграм, од првиот панграм конкурс:

Живко е автор на уште неколку кратки панграми со 45 букви, како овие:
Коњ сунѓер заѕида, гејша фати ќуп во џеб, желче цица хмељ
Тих џепарош офкајќи гаѓа ѕид со ‘рж, љубезна молња цвичи.
Оф, Чех велтшмерц заљуби, а Ѓупка џаде, гуња, јанѕа, еж и ќос.
Ниту еден друг автор не успеал да ја надмине таа бројка. Дали може вештачката интелигенција да ни помогне во тоа?
Панграм проверувач
Пред една година се обидувавме да напишеме панграм со помош на ChatGPT и тогаш моравме да го научиме како да напише програма со која сам ќе се проверува додека пишува. Програмчето излезе корисно и го објавивме:

Оваа програма има недостатоци и не ви кажува во реално време колку букви сте напишале, колку ви фалат, кои ви се дуплирани и слично – нешто што може да е корисно ако се обидувате да напишете пократок панграм. Затоа ја апдејтувавме и ви ја претставуваме новата верзија.
Потоа правевме експерименти со Claude 3.5 и Llama 3.1 кои доста лесно напишаа панграми, но не успеаја да напишат пократки верзии. Се уште е потребна човечка рака!
Панграм проверувач 2.0
Затоа ја направивме новата и апдејтирана верзија на „Панграм проверувач“, како ваш асистент во пишувањето панграми.

Се надеваме дека ќе ви помогне во пишувањето, а во меѓувреме инспирирајте се од другите автори на Окно.
Панграм конкурс #1 (2015)
Панграм конкурс #2 (2018)
Панграм конкурс #3 (2020)
Шах, ѓоа го држи пак, ем слој иљач в џеб, фаќање цут низ ѕид. (44)
Ви благодарам за алатката. Добар предизвик. Мислам дека со ” ‘ржи ” може и да се создаде панграм со 43 букви.
Браво! Се разбира дека може и со „’ржи“, и со тоа вие сте автор на најкраткиот (нам познат) панграм на македонски јазик 🙂
Се надоврзавме на вашиот панграм и создадовме уште пократок, заслугата е секако ваша:
– Шах, ѓоа ‘ржи пак, слој иљач в џеб, фаќање цут низ ѕид – гем! (42)